Интервјуа

„Едно четиричлено семејство со двајца вработени родители не смее да прима плата помалку до 51,600 денари, а тоа значи дека минималната плата не смее да биде под 26-27,000 денари“ (Интервју)

Најчесто во приватниот сектор нема синдикати, па работодавачот наоѓа некои „подобни“ работници коишто ќе потпишат спогодба дека бил во финансиска загуба и тој ќе исплати помал износ на регрес за годишен одмор, вели Димитријевиќ во интервјуто и додава:

„Меѓутоа, работниците гледаат дали навистина компанијата остварува финансиски приходи или не, а тоа го гледаат по купувањето на средствата за производство или личните средства кои ги купува работодавачот за него – дали се тоа скапи возила, недвижнини, скапи патувања“.


Разговараше: Бобан Илијевски

Дали Предлог Законот за работни односи е во полза на работниците? Кои се забелешките на Левица во однос на овој Предлог Закон? Кои работнички права биле најмногу прекршувани во 2022 година? Ова се дел од прашањата на кои разговараме со адвокатот и Координатор на Трудовиот сектор на Левица, Александар Димитријевиќ.

Илијевски: Колку новиот Закон за работните односи ќе биде од полза на работниците?

Димитријевиќ: Видов дел од предложените измени на Законот за работни односи и можам да кажам дека проблемот има систематски длабочини, односно овој Закон, како и сите претходно, повеќе е на страната на работодавачите, отколку на работниците. Се врши маневрирање на одредени термини само колку да се добие една демагогија, но не го штити вистински работникот. Тоа може да се види и од неколку членови, како што е пробната работа, договорот за определено време… Во претходниот Закон договорот на определено време беше лимитиран на пет години, а сега е намален на две години, меѓутоа, тоа не го штити работникот, бидејќи определеното време кај работникот создава несигурност, воопшто, на целиот тек и делување како битие.

Сезонската работа сѐ уште е оставена да биде 9 месеци, како најдолг период, и може да заклучиме дека сепак овој Закон е направен во насока на заштита на работодавачот или користење на механизми коишто на работодавачот му даваат можности да го манипулира работникот исто како претходно.

Ние како општество, генерално, наместо да ги користиме оние модалитети како модус операнди (лат. начин на дејствување), ние ги злоупотребуваме и затоа треба Законот за работни односи да биде стриктно насочен кон работниците, за да можат да бидат заштитени онака како што е предвидено во меѓународното право.

Илијевски: Кои се Вашите забелешки во однос на Предлог Законот за работни односи?

Димитријевиќ: Кажав и претходно, Законот за работни односи треба да претставува стабилност или еден договор меѓу работникот и работодавачот, слично на Колективниот договор, каде што ќе се знаат точно определените и нормираните обврски и права и за работникот и за работодавачот и некои технички можности коишто можат да овозможат работодавачот да ги надмине со еден модалитет како модус операнди. Но, како што реков, ние сме општество коешто ги злоупотребува и искористува сите можности.

Еклатантен пример за ова беше членот 78 од Законот за работни односи. Таму му се дава можност на работодавачот да го раскине важечкиот Договор за вработување и веднаш да понуди нов – тоа е кога работникот треба да се премести од едно работно место на друго без притоа да го прекине работниот однос, односно без да има прекин во стажот. Наместо ова да се искористи како техничка можност, работодавачите го искористија за да ги отпуштат работниците затоа што ги деградира и им дава Договор за вработување што не соодветствува на нивната стручна подготовка или којшто нема да го прифатат работниците и ако не го прифатат новиот Договор, има прекин на работниот однос и така работникот добива отказ или останува без активен Договор за вработување.

Ова го направи претходниот директор на Водовод Душко Весковски и отпушти голем број на луѓе затоа што, претпоставувам, биле партиски поинаку определени од тоа што е тој. Имаше и судски постапки по ова прашање – дури и судиите беа во недоумица, односно имаше поделени ставови дали треба да се прифати новиот Договор, па да се тужи за стариот или треба да не се прифати новиот Договор, а за стариот да се бара причина за раскинување на Договорот за вработување. Ова е еден од примерите кој покажува дека ние ги злоупотребуваме, наместо да ги користиме тие алатки.

Исто така, гледаме дека и во оваа работна верзија, Договорот на определено време, кој иако е намален на две години, сепак чинам дека во став три се предвидува тој рок да биде и подолг доколку се менува одреден работник. Ова мислам дека најмногу ќе најде примена во Локалната самоуправа или во јавните претпријатија, па и во просветата. Таму ќе се случува да нема професор или наставник, па ќе имаат замена на неодредено време; исто е и во медицината.

Наместо да има систематско решавање на проблемот, односно менаџерот, градоначалникот, директорот на болницата или било кој од службата за човекови ресурси да направи план за оператива и бројот на извршители, без разлика дали се наставници, доктори или било кој друг тип на работници, за бројот на работници коишто се потребни и да обезбеди толкав број на работници, си дозволуваат да останат без работници. Не сметаат на ризикот дека некој вработен може да се повреди или разболи или поради било која друга причина, ќе престане да ја обавува дејноста, па наместо него ќе дојде заменски работник којшто ќе има Договор на определено време и тоа на неограничено време, се додека не се врати другиот работник. Тоа е злоупотреба на правата и нарушување на сигурноста и безбедноста на работникот. Тој работник не може да има сигурна иднина, не може да земе кредит од банка, не може да планира нешто за во иднина. Таква несигурност не треба да се дозволи.

Илијевски: Со оглед на тоа дека има голем недостиг на работна сила, сметате ли дека работниците во Македонија се тие кои ги диктираат работните услови?

Димитријевиќ: Ако паметиш уште на првото интервју што го правевме, апелиравме дека ќе се случи ова што сега сите медиуми го покажуваат како веројатност дека ќе се случи, а тоа е недостигот на работна сила.

Ние сме мала држава и секоја друга нуди подобри услови за работниците и нормално тие мигрираат. Најеклатантен пример за тоа е секторот угостителство каде што малтене сите работници летово заминаа во Хрватска и во други држави и угостителството остана без работници. Тоа ќе се случува во сите други сектори, само затоа што работодавачите немаат фер однос кон работниците. За да имаат фер однос мораат да сфатат дека работникот е оној којшто го создава производот или како што вели Маркс – и неговиот труд – самиот негов труд е производ, а и самиот работник е консумент на она што е производот. Работниците, како најголема и најраспространета класа во државата го купуваат производот што го произведува работодавачот и тој мора да биде свесен за тоа. Тој мора да ги вкалкулира во платата сите трошоци, вклучително и нето платата до износ којшто работникот може да си го дозволи за да може слободно да егзистира и да може да си ги дозволи оние слободни економски добра коишто се предвидени со минималната потрошувачка кошничка којашто малтене изнесува 52,000 денари за месец октомври. Најавите на Владата за минимална плата и покачувањето на минималната плата се само маркетиншки трик којшто не може да егзистира во пракса, а поради тоа и работниците буквално бегаат од работодавачите.

На работодавачите нема да им остане ништо друго освен да ги засукаат ракавите и да се вклучат во процесот на производство, т.е. и тие да станат работници како што им налага процесот на производство. Тие сакаат да го употребат терминот пазарно општество кој не постои – тоа е процес на производство и труд, па работодавачите треба да сфатат дека работникот е оној којшто треба да го негуваат и со којшто треба да воспостават фер однос ако сакаат да им продолжи процесот на производство онака како што го замислиле.

Неминовно ќе се случи и тоа се случува во повеќето сектори. Ако државата не интервенира и го остави приватниот сектор да ги диктира правилата тогаш и ние ќе треба да увезуваме работна сила како што тоа го прават другите држави.

Илијевски: Според поплаките од работниците кои Левица ги има добиено во 2022, кои работнички права биле најмногу прекршувани?

Димитријевиќ: Од кога се објави апелот од страна на Левица за пријавување на проблем поврзан со повреда на правата на работниците, најголемиот број на поплаки се однесуваа на неисплатен регрес за годишен одмор; прекршувања на правата за ноќна работа, прекувремена работа, работа за време на празник, работа за време на неделен ден за одмор коишто работодавачот не ги исплаќа, особено во приватниот сектор.

Она поради коешто работодавачите не сакаат да го исплатат регресот за годишен одмор е можноста која произлегува од измените на Општиот Колективен договор за приватен сектор – ако работодавачот оствари негативен финансиски резултат на крајот од годината, да има можност да исплати помал износ на регрес за годишен одмор, под услов да склучи спогодба со синдикатот или со претставник на работниците. Најчесто во приватниот сектор нема синдикати, па работодавачот наоѓа некои „подобни“ работници коишто ќе потпишат спогодба дека бил во финансиска загуба и тој ќе исплати помал износ на регрес за годишен одмор. Меѓутоа, работниците гледаат дали навистина компанијата остварува финансиски приходи или не, а тоа го гледаат по купувањето на средствата за производство или личните средства кои ги купува работодавачот за него – дали се тоа скапи возила, недвижнини, скапи патувања. Тука не можеш да ги излажеш работниците, бидејќи тие учествуваат директно во процесот на производство, па гледаат како течело производството, колку добро се произведени производите и колку се продадени. Тоа е она што најмногу ги боли работниците. Работодавачите ги манипулираат работниците и тоа треба да се смени, односно синдикализмот да се воведе и во приватниот сектор за работниците да бидат заштитени.

Мислам дека работодавачите треба да сфатат дека фер односот кон работникот може да донесе само добро за компанијата, без разлика дали однапред има трошоци. Како што и кажав, работникот е и консумент на производите што ги произведува работодавачот, па ако тој ја подигне цената на услугите коишто ги продава, тогаш треба да ја зголеми и платата на работниците. Можеби тој мисли дека тоа е неминовно, меѓутоа секој работодавач што ја дига цената за себе си мисли дека работникот нема голем обем на работа, туку само цената е зголемена. Меѓутоа, ако се спореди со друг работодавач, работникот треба од него да купува производи и тоа е еден круг којшто треба да се затвори во процесот на купување и продавање на стоките и добрата коишто се произведуваат од страна на работодавачите. Единствена цел им е на крајот на годината да произведат што повеќе и продадат што повеќе стоки или услуги.

Илијевски: Која е агендата на Левица за подобрување на работничките права во 2023 година? 

Димитријевиќ: Проблемот е систематски, односно проблемот е подлабок и не може со законско решение да се донесе, туку мора да има државна интервенција во целиот трудово – правен процес за работникот да стигне на она ниво на коешто треба да сигне, а тоа е да му се обезбеди доволно нето плата за да може да го ужива животот онака како што е предвидено според стандардите на Европска унија, а тоа е да не живее во сиромаштија и да има средства да ја покрие онаа минимална синдикална кошница. Пласирањето на Владата на минималната плата како ЕУ стандард 60 % од просечна плата е само маркетиншки трик а не вистинско задоволување на потребите на работникот.

Едно четиричлено семејство со двајца вработени родители не смее да прима плата помалку до 51,600 денари, а тоа значи дека минималната плата не смее да биде под 26-27,000 денари. Тоа е она до коешто треба да стигне работникот за да може да ужива благосостојба и да не избега од државата како што се случува сега, па работодавачите да останат без работници. Да му се овозможи на работникот да има бесплатни или евтини одморалишта како што имаше порано, коишто се руинирани или приватизирани. Да му се овозможи на работникот фер и еднаков пристап до работата, без да се врши дискриминација на база на етникум или јазично подрачје. Да му се овозможи на работникот квалификација во повеќе сектори, за да може да бира работно место коешто ќе одговара не неговите услови. Ако еден работодавач не нуди доволно добри услови за работникот, работникот да има квалификации за да може да се вработи на друго работно место. Само така, работникот ќе може да ги диктира условите според кои би работел.

Во моментов степенот до којшто е експлоатиран работникот бара да има потреба и од вакви екстремни решенија за да се воведе еден еквилибриум во трудово – правниот однос и да нема толку голема класна разлика помеѓу работодавачите и работниците за да работниците не губат мотивација и не ги извршуваат своите работни задачи или да не ја напуштат државата заради работа на друго место.

На времето имаше еден Дом за технички занаети којшто сега веќе го нема. Ќе биде добро да се воведе повторно за да можат неквалификуваните работници да се стекнат со некаков занает, па да можат да аплицираат на пазарот на труд рамноправно со работници слични на нив.

 

 

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk