Жените поуспешно се прилагодиле на инфлацијата
Жените во Германија подобро од мажите се прилагодиле на кризата предизвикана од растот на трошоците за живот во последните четири години, покажува студија на банката N26, Институтот Ifo и Техничкиот универзитет во Минхен.
Истражувањето, базирано на анализа на банкарски извештаи од случајно избрани 20.000 корисници на банката N26, открива дека мажите од почетокот на 2021 до крајот на 2024 година бележат повисоки приходи во споредба со жените. Просечно, приходите кај мажите се зголемиле за 27,4 отсто, додека кај жените за 24,4 отсто.
И покрај оваа разлика, жените значително поретко влегувале во дозволен минус на банкарските сметки – за повеќе од една третина помалку од мажите. Тоа, според авторите на студијата, укажува на повнимателно управување со личните финансии и подобра адаптација кон растечките трошоци.
Анализата за сите кориснички групи покажува дека варијабилните трошоци (трошоци кои се менуваат од месец во месец) се зголемиле за 23,8% во периодот од 2021 до 2023 година. Во исто време, просечниот раст на платите бил 20,3%.
Потрошувачите најчесто ја надоместувале разликата меѓу приходите и трошоците преку користење на заштеди или дозволен минус. Стапката на штедење во истиот период била во постојан пад.
Проблемите со ликвидноста достигнале врв во 2022 и 2023 година, а дури во 2024 година платите започнале да растат побрзо од варијабилните трошоци, што овозможило „умерено опоравување на куповната моќ“.
Употребата на дозволениот минус е во опаѓање од крајот на 2024 година, што укажува на подобрување на финансиската стабилност кај граѓаните.
Извор: b92.net

