ЕкономијаСвет

Во САД секој ден се создаваат по 1.000 нови милионери

Соединетите Американски Држави ја предводат глобалната листа по раст на богатството во 2024 година. Според годишниот извештај за глобалното богатство на UBS, повеќе од 379.000 луѓе во САД оваа година првпат станале милионери, пресметано во американски долари.

Овој број претставува повеќе од половина од сите нови милионери во светот за 2024 година. Како главна причина за овој тренд се наведува силниот принос на американската берза – индексот S&P 500 скокнал за над 23% во изминатата година.

„Растот на богатството беше најизразен во Северна Америка, поттикнат од стабилноста на американскиот долар и оптимистичкото расположение на финансиските пазари“, наведуваат аналитичарите на UBS во извештајот.

Глобално, вкупно 680.000 луѓе станале милионери во 2024 година, што претставува пораст од 1,2% во однос на претходната година, пренесува CBS News.

UBS предвидува дека бројот на милионери ќе продолжи да расте и во наредните пет години. Според нивните проценки, до 2029 година уште 5,34 милиони луѓе ќе достигнат лично богатство од најмалку еден милион долари.

И покрај порастот на бројот на милионери, повеќето Американци сè уште се далеку од седмоцифрената граница. На крајот од 2024 година, просечното богатство по возрасен жител во САД изнесувало околу 312.000 долари.

Во извештајот се наведува и дека вкупното лично богатство на глобално ниво пораснало за 4,6% во текот на изминатата година, предводено од повеќе од 11% раст во Америка.

Во САД моментално живеат околу 40% од сите милионери во светот – околу 24 милиони луѓе. Следуваат Азија-Пацифик и Европа со 36%, додека 25% од милионерите се наоѓаат на Блискиот Исток и во Африка.

Извор: b92.net