ЕкономијаМакедонија

Заканите и зачувувањето на интегритетот ја принудија Комората на Сметководители да ИСТАПИ од Сојузот на стопански комори

По истапувањето на Градежната комора од Сојузот на Стопански комори, истапува и Комората на Сметководители. Според Комората причина за тоа се заканите кои им биле упатени, но и зачувувањето на интегритетот на Комората. 

Денес, 16.03.2022 година, со почеток од 12 часот се одржа итна седница на Собранието на Комората на сметководители на Македонија со цел разгледување на моменталната ситуација со Комората и нејзиното членство во Сојузот на стопански комори на Македонија, стои во соопштението на Комората на сметководители.

Имено, во изминатите неколку месеци, од страна на нелегитимно избраното раководство на Сојузот на стопански комори и самопрогласениот претседател Трајан Ангелоски беше целосно окупирана работата на Сојузот и службите, со што беше оневозможено непреченото функционирање на Комората на сметководители, велат од Комората.

Дополнително, велат од таму, спротивно на сите законски и статутарни одредби, Ангелоски самоиницијативно донесува одлука за исклучување на компаниите членки на дел од раководството, вклучително и на Претседателот на Комората на сметководители, Драган Митковски, со цел негово присилно менување и назначување на лица блиски до Ангелоски.

Сојузот на стопански комори претставува здружение кое обединува повеќе автономни комори, велат од Комората, нагласувајќи дека нема право да исклучува фирми членки во истите или да одлучува за промена на раководството во истите.

Злоупотребувајќи ги документите и списоците со кои располагаат службите, Ангелоски, ги замајува компаниите членки доставувајќи им лажни информации за исполнување на сопствените лични интереси, истакнуваа од таму.

Поучени од претходно свиканите нелегитимни Собранија на други комори членки на Сојузот, за насилно менување на раководството и обид за нивно незаконско запишување во Централен Регистар и загрижени за сопствената безбедност поради претходно упатените закани од страна на нелегитимниот претседател на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски, а со цел зачувување и на интегритетот на Комората на сметководители, Собранието на Комората донесе одлука за ИСТАПУВАЊЕ на Стопанска комора – Комора на Сметководители на Македонија – Скопје од Сојуз на Стопански комори на Македонија – Стопанска Интересна Заедница – Скопје, велат од Комората. 

Со оваа одлука се овластува Претседателот да ја реализира истата.

Комората на сметководители во изминатите години активно се залага за унапредување и заштита на правата на сметководителите, а така ќе продолжи и во иднина, додаваат од Комората.

Соопштението е потпишано до Претседателот на Комората, Драган Митковски.