Колумни

Замина времето кога можеа да се мајтапат со работниците – доаѓа времето кога работниците ќе се мајтапат со нив

Автор: Бобан Илијевски

Помина една цела недела од штрајкот на СОНК. Денеска ќе биде, ако не ги сметаме сабота и недела, 6 – ти дена како вработените во училиштата и градинките се во штрајк. Владата му даде  на СОНК понуда од 10 %, но истата 95 % од синдикалните организации на синдикатот експресно ја одбија. Ова покажува дека на наставниците, професорите, воспитувачите, негувателките и останатиот кадар во воспитно – образовните установи им е веќе преку глава некој да игра мајтап со нив.

Владата имаше четири години да ги усогласи Колективните договори со растот на минималната плата, која патем последниот пат беше политички зголемена, но не го направи тоа. Во претходните четири години немавме кризи, ни војни, но платите не пораснаа. Сега гледам истата таа Влада која не ги зголеми платите кога имаше можност за тоа, како испраќа замолници до воспитно – наставниот кадар да продолжи со работа, притоа ветувајќи дека преговорите ќе се одвиваат и кога би се прекинал штрајкот. Видовме ние колку добро работат без никаков притисок. Тие дури ни штрајкот не го сфаќаа сериозно, мислеа дека СОНК се шегува, па откако увидоа дека тој навистина се случува, ја сфатија сериозноста на барањата коишто ги постави синдикатот.

Покрај СОНК, и останатите синдикати од јавниот сектор пројавуваат големи незадоволства, токму поради несогласувањето на Колективните договори со минималната плата, а тоа значи дека постојат големи шанси и тие да ги радикализираат своите синдикални делувања.

Сите овие случувања во јавниот сектор, според мене, ќе се рефлектираат и во приватниот сектор каде вработените нема да штрајкуваат со прекин на работа, туку со откази. Текстилната индустрија веќе се соочува со проблем да најде работници. Ова, барем јас така мислам, ги очекува и другите гранки од приватниот сектор. Причини– ниските плати, лошите работни услови, мобингот… Има многу причини.

Еден синдикалец во една емисија кажа дека ние како нација започнуваме веќе да созреваме. Се согласувам во потполност со него и потенцирам дека созревањето на народот допрва ќе ги обелодени последиците врз општествените текови во државата.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk