МакедонијаСветот на работникот

Зголемувањето на минималната плата ќе предизвика турбуленции во гранките со пониски плати, тврдат работодавачите

Вчера дел од синдикатите преку првомајски протести повторно побараа зголемување на минималната плата на 500 евра. Од Владата континуирано се на ставот дека работодавачите и синдикатите треба да се договорат околу растот на минималната плата, по што тие ќе го прифатат крајниот договор.

Ангел Димитров, Претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија за порталот Работник вели дека минималната плата веќе е усогласена согласно критериумите утврдени со законот, кој предвидува зголемување на минималецот со 50 % од растот на инфлацијата и 50 % од растот на просечната плата.

Бидејќи сегашната минимална плата изнесува 59 % од просечната, таа ги задоволува барањата на европската директива за висината на минималната плата за земјите членки на унијата. Исто така, споредена со Бруто домашниот производ по жител, ние имаме највисока минимална плата во регионов. Затоа борбата на синдикатот треба да се води за зголемување на останатите плати, согласно колективните договори, а не за повисока минимална плата која ќе предизвика демотивација кај повисоко платените работници, ако работодаачите во приватниот и во јавниот сектор немаат финанскиси можности за зголемување на останатите плати, истакна Димитров.

Според Димитров, кога се разговара за минималната плата треба да се имаат предвид ниско-платените гранки, а тоа се трудоинтензивните, затоа што за пропулзивните дејности (оние каде што платите се поголеми), минималната плата воопшто не е тема од интерес.

Ако ги погледнете статистичките податоци ќе видите дека во Македонија имаме повеќе дејности кои имаат просечна плата пониска од 30,000 денари. Кај овие дејности, подигањето на минималната плата на 30,000 денари ќе предизвика големи турбуленции кај платите, затоа што голем број на работници ќе земаат иста плата иако имаат различни степени на образование, одговорности и сложеност на работата, вели Димитров.

Поради сето наведено, Димитров посочи дека Организацијата на работодавачи на Македонија ја поддржува минималната плата од 24,379 денари која е донесена согласно Закон.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk