(ИНТЕРВЈУ) Арсовска: Потребен е систем кој ќе гарантира дека најдобрите вработени ќе напредуваат
Бобан Илијевски
Пазарот на трудот е една од најкомплексните сфери којашто воопшто постои, најмногу поради тоа што е флексибилна и постојано се менува и унапредува. Пандемијата со Ковид – 19 остави драматични последици, па поради тоа голем број на компании и вработени се прашуваат што понатаму. Од друга страна пак, една од најактуелните теми повразни токму со пазарот на трудот се платите и недостатокот на кадар во одредени сектори од стопанството.
Во денешното ексклузивно интервју за состојбите со пазарот на трудот и иднината на компаниите, разговараме со Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска.
Во продолежние следува целосното интервју:
Работник: За да се квалификуваат за оние дејности каде што недостасува кадар, луѓето бараат поголеми плати. Како гледате на ова?
Арсовска: За промени во структурата на пазарот на труд не е неопходна само преквалификација и доквалификација. Неопходно е стабилизирање на целокупната економска состојба во државата, овозможување на раст на бројот на квалитетни инвестиции со додадена вредност. За тоа да се случи потребно е сигурно и стабилно деловно опкружување, во кое ќе функционира принципот на владеење на правото и луѓето нема да стравуваат да вложат повеќе во себе и својот развој. Важно е и воспоставување на систем на меритократија односно гарантирање дека најдобрите вработени, оние кои вложуваат најмногу труд секогаш ќе напредуваат соодветно, што ќе претставува мотив за сите останати.
Работник: На што, според Вас, се должи намалената продуктивност на компаниите? И како истата би можела да се зголеми, за да можат да пораснат и платите?
Арсовска: Растот на трошоците и падот на продуктивноста, директно укажуваат на намалување на профитабилноста и конкурентноста на претпријатијата, што особено е нагласено во услови на криза. Причините за ваквата состојба се деформираниот вредносен систем и неможноста за раст и развој со потребната динамика. Продуктивноста не може да се зголемува доколку вработените не се задоволни и мотивирани, но тешко е да се обезбеди мотивација доколку претпријатијата се на раб на опстанок. Затоа е неопходно да се забрзаат националните реформи со кои ќе се создадат услови за раст, како единствениот начин да се овозможи повисок стандард за граѓаните.
Работник: Дали очекувате во постпандемискиот период да се интензивира иселувањето на луѓето од Македонија и со тоа да се создаде уште поголем дефицит во секторите како угостителството и туризмот, градежништвото итн.? Која според Вас би била најдобрата стратегија за да се задржат луѓето тука, за да можат да придонесуваат за македонската економија, а воедно да бидат и добро платени за својот труд?
Арсовска: Движењето на работната сила е процес во кој луѓето секогаш се во потрага на подобро работно место каде соодветно ќе се вреднува нивниот труд. Важна компонента за нашето деловно опкружување е да се креираат услови за зголемување на степенот на продуктивност на трудот, да се воспостави систем на вредности за постигнување најдобри резултати, и на тој начин да се овозможи природно да растат платите. Години наназад постои тренд на иселување, кој не секогаш е поврзан единствено со незадоволството од висината на личниот доход, туку и со желбата на граѓаните да живеат и работат во опкружување каде законите важат еднакво за сите и каде функционира систем во кој тие можат да ги остварат своите права.
Работник: Со оглед на состојбата со недостатокот на кадар, дали сметате дека ќе бидеме принудени да увезуваме работници од странство, за да можеме да надоместиме со работна сила?
Арсовска: Вистинското решение треба да се бара во преквалификација и доквалификација за со цел овозможување на квалитетна квалификувана работна сила согласно барањата на пазарот на труд. Можеби подеднакво важно е и креирање на систем и добро деловно опкружување каде секој човек ќе ја гледа својата иднина, и каде младите ќе се мотивираат да бидат претприемачи или да работат во приватниот сектор. Затоа важно е институциите да обезбедат соодветни услови кои ќе ја гарантираат сигурноста на граѓаните, ќе овозможат владеење на правото, еднаквост пред законите, сузбивање на корупцијата и елиминирање на сивата економија.
Работник: Пандемијата со Ковид – 19 нанесе голема штета врз компаниите, но особено ги погоди малите и средни компании. Дали имате сознанија за тоа колку мали и средни компании се згаснати поради економските последици на пандемијата? Како и, што ќе им биде потребно на оние коишто преживеаја, но се соочија со голема неликвидност, за да можат повторно да станат „на нозе“?
Арсовска: Граѓаните и деловните субјекти се соочија со негативни последици од здравствено-економската криза која има влијание врз голем број на процеси во општеството. Тоа е евидентно и од секојдневните предизвици со кои тие се соочуваат и чиј број континуирано расте. Постигнување на финансиска стабилност е голем предизвик во моментот особено за малите и средни претпријатија кои постојано беа под рестриктивни мерки и иако отпочнаа да работат се соочуваат со достасани обврски од долговите кон банките и доверителите, но и поддршката што ја прифатија во кризата сега треба да ја вратат што во овој момент на обид за опоравување, преставува големо оптоварување. На најпогодените сектори ќе им биде потребно подолго време да се опорават, а некои претпријатија се адаптираат со отпочнување друга дејност или имаат најави за траен прекин на вршење дејност. Во исто време процесот не е едноставен за оние кои се сред процес на формално згаснување или ликвидација на претпријатија кои имаат побарувања или долгови, а самиот факт дека кај нив настапил престанок на вршење дејност е јасен сигнал дека се трајно оштетени од кризата.
Работник: Земајќи ги во предвид сите мерки и финансиски поддршки коишто Владата ги издвои за приватниот сектор во претходната година, како гледате на тоа колку е државата подготвена да интервенира во ек на криза? Како би ги оцениле нивните напори да помогнат во одржувањето на економијата?
Арсовска: Дел од мерките беа од помош и дадоа силен придонес да се зачуваат работните места, но можеа да се постигнат и подобри резултати доколку имаше системски мерки за квалитетно таргетирање средствата да пристигнат таму каде беа најпотребни, доколку се исплаќаа средствата навремено, и аплицирањето за поддршка да не беше оптоварено со сложени бирократски процедури. Кризата предизвикана од пандемијата покажа дека институциите немаат квалитетна национална стратегија за кризен менаџмент, и во недостаток на добро воспоставена комуникација, следеа одлуки кои беа ненавремени и без континуитет, особено на дел од економските мерки кои се предлагаа од реалниот сектор.
Работник: Дали сметате дека корона кризата им одржа лекција на компаниите? Доколку да, што според Вас таа, условно кажано, ги подучи?
Арсовска: Кризата укажа на тоа колку е важно да се има план и да се антиципира иднината, со цел приватниот сектор полесно да се справи во случај на настапување на состојба на црно сценарио. Од кризата голем број на претпријатија осознаа која е важноста од развој на способности за брзо адаптирање на состојбите на пазарот и справување со конкуренцијата, но и колку е значајно да се следат глобалните трендови, да се имплементираат добрите практики и да се воведе дигитализација на процесите.
Работник: Кога очекувате компаниите од најпогодените сектори дека би можеле да закрепнат? И што треба да се направи за да се помогне закрепнувањето?
Арсовска: Кога ќе отпочне да се опоравува економијата, е прашање на кое не може да се даде прецизен одговор бидејќи следи неизвесен период, а институциите најавуваат можности за нов бран на пандемијата. Македонската економијата е мала и во голема мера зависна од традиционално најголемите трговски партнери. Затоа закрепнувањето, во голема мера ќе зависи и од состојбите кои се одвиваат на странските пазари. Исто така треба да се има во предвид дека економските мерки за поддршка, особено оние со кои ќе се зачуваат работните места, не треба да престанат трајно. Неопходно е да се воспостави прецизен план на активности и мерки за поддршка кои со одредена динамика и понатаму ќе го помагаат приватниот сектор со цел да се обезбеди стабилност, бидејќи во спротивно стандардот на граѓаните ќе опаѓа, а економијата ќе стагнира.

