ИнтервјуаСветот на работникот

ИНТЕРВЈУ Папулев: Платите на сезонските работници во Хрватска се движат од 550 до 3,000 евра; Планираме да склучиме соработка со Црна Гора, Германија и Малта

Веќе некое време Синдикатот за угостителство и туризам на Македонија има воспоставено соработка со Синдикатот за туризам и услуги на Хрватска, во насока на заштита на правата од работен однос на сезонските работници коишто ќе одат на работа во Хрватска.

Потпретседателот на синдикатот, Сашко Папулев во интервју за порталот Работник, во текот на разговорот вели дека има голем интерес од македонските работници да одат на сезонска работа. Тој зборуваше и за тоа дека Синдикатот за угостителство и туризам започнал да преговара со синдикати од Црна Гора и од Малта, за заштита на правата на македонските сезонски работници коишто ќе одат во овие држави. Планираат да започнат и преговори со синдикатите од Германија.

Повеќе во целосното интервју во прилог:

Разговараше: Бобан Илијевски

Работник: Од неодамна започнавте соработка со Хрватскиот синдикат за туризам и услуги, со цел на сезонските работници од Македонија кои работат во Хрватска да им се обезбедат работни места со кои тамошниот синдикат има склучено Колективни договори. Како оди оваа соработка?

Папулев: Засега тече одлично. Морам да кажам дека ние ги праќаме само оние луѓе кои се наши членови. За таа цел, правиме презентации на кои ги повикуваме сите оние коишто се заинтересирани да се зачленат во Синдикатот за угостителство и туризам на Македонија и меѓу другото за сите оние наши членови коишто ќе решат да работат во Хрватска, да им биде гарантирана заштитата од хрватскиот синдикат. Досега, како и што реков, имаме одлична соработка, каде што има преку десет компании со коишто хрватскиот синдикат соработува и каде што нашите членови можат да одат и да уживаат заштита на нивните права и сето она што е пропишано со Колективните договори, кои покрај на Национално, се склучуваат и на ниво на работодавач. Хрватите ги нарекуваат „куќни договори“.

Работник: Колку се движат платите за угостителските работници во Хрватска?

Папулев: Грубо, платите се движат од некоја си најминимална плата од 550 евра, до некоја максимална од 2-3,000 евра, во зависност од позицијата која ќе ја добие работникот. Сепак, има различни позиции. Компаниите кои ја даваат оваа најниска плата се во преговори со синдикатот во Хрватска, за да се зголеми, бидејќи е премногу мала дури и за нивниот стандард. Ова е рангот на платите, и ќе повторам, зависно од позицијата на којашто е работникот.

Работник: Дали добивате поплаки од македонски работници кои работат во Хрватска? На што најмногу се однесуваат истите?

Папулев: Да, добиваме. Имаше ситуација со двајца браќа кои беа заглавени во Осјек, која е веќе излезена во јавност. Имавме поплаки и од две жени кои исто така, самите агенции коишто посредувале при нивно вработување, не им ги откриле сите детали за работните услови. Во главно, ги лажат дека ќе земаат поголеми плати од утврдените. Веќе кога ќе отиде таму, работникот се случува да се соочи со реалноста. Агенцијата не ги штити, па се обраќаат до синдикатот. Нас не контактираат многу луѓе и мене ми е жал што е тоа така. Затоа и ние го инициравме ова за нашите членови, за во иднина кога ќе одат таму да не се соочуваат со вакви работи. На оние коишто не се наши членови, ние би сакале да им помогнеме, но мора да сфатат дека со секоја помош којашто ќе му ја пружиме на лице кое не е наш член, се изложуваме да бидеме дадени на суд и да бидеме казнети како синдикат.

Фото: Работник

Многу од агенциите не се регистрирани и многу од нив се „еден човек агенција“ којшто прво се јавува, па потоа го нема на бројот што го барате. Едноставно, за да заработат ги лажат луѓето, а тие наседнуваат на тоа, заминуваат во Хрватска и се случува тоа што се случува.

Го користам овој момент да апелирам до луѓето да бидат внимателни со кого преговараат и да се осигураат дека агенцијата со која преговараат е кредибилна и дека е регистрирана. Би им порачал и да не се залажуваат со се што ќе видат по интернет, колку и да звучи убаво и со плата и работни услови, бидејќи на крај ќе бидат измамени и најмногу ќе сносат последици.

Работник: Дали постои можност да направите ваква слична соработка со синдикати од други земји? Доколку да, дали преговарате со некои синдикати и кои се тие?

Папулев: Се водиме од идејата да склучиме договори и со синдикати од други држави коишто се интересни за сезонските работници од Македонија. Во главно, тука ќе ја споменам Малта, Црна Гора, со која веќе сме во преговори (во Малта започнавме поединечни преговори), и следна дестинација ни е Германија, бидејќи и таа е земја каде што доста од нашите членови сакаат да одат на сезонска работа. Работиме на тие две – три цели коишто си ги зададовме, да склучиме договори, за да може нашиот сезонски работник да патува и да работи таму. Мислам дека во Германија склучувањето на договор би било полесно, бидејќи таа е синдикална држава, а и има строги закони. Споредено со Хрватска, која е исто така членка на Европската унија, сепак се соочуваме со балканскиот менталитет, каде што се уште се кршат работничките права, додека Германија во тој сегмент е малку понапредна, со повисока свест.

Работник: Поминаа две години од пандемијата и од сите тие затворања на угостителски објекти. Работите до некаде се вратија во нормала, угостителите работат непречено. Колку сето ова што се случи во последниве две години влијае на понудата на работна сила во угостителско – туристичкиот сектор?

Папулев: Морам да кажам дека за време на пандемијата, најголемиот сектор којшто го доживеа ова беше угостителско – туристичкиот сектор. За жал, поради тие причини доста од угостителско – туристичките работници се одлучија својата среќа да ја бараат во други професии. Ја напуштија професијата која ја работеа долги години, која ја сакале, бидејќи за да работиш нешто толку години треба да го сакаш.

Работниците ја видоа слабоста во која останаа маргинализирани и буквално ниту власта имаше слух, а и помошта која им ја даде, не беше доволна. Сфатија луѓето дека немаат никаква иднина во овој сектор и ги променија професиите. Тие што останаа се западнати во криза, поради тоа што дел од нив останаа без работа. Повеќето од нив ќе ја напуштат државата и ќе заминат на сезонска работа. Почнувајќи од април и мај, угостителско – туристичкиот сектор во Македонија ќе се соочи со масовен одлив на работна сила. За жал, тоа не можеме да го спречиме, поради тоа што ние како синдикат и да пробаме да го спречиме за тоа ни треба поддршка и од работодавачите коишто во моментот не ја сфаќаат нашата порака дека заедно сме посилни и сме релевантен фактор, кога ќе застанеме и ќе преговараме со Владата за подобрување и на нивните права и на нашите. Ако ова не нè вразуми и не нè натера да размислуваме за заедно дека имаме иста цел, тогаш нашиот сектор е осуден на пропаст. Поголемиот дел од работодавачите ќе бидат принудени да стават клуч на врата.

Работни: Споменавте дека комуникацијата со работодавачите од угостителско – туристичкиот сектор оди тешко. На што се должи тоа?

Папулев: Навистина не знам. Не можам да разберам. Ете, имаме две големи комори, каде што членуваат голем број на компании, коишто се силни и со коишто можеме да склучиме договори, да видиме каде можеме да делуваме, што можеме да делуваме заедно… Не знам во што е проблемот. Дали е тоа поради пристрасност кон одредена политичка партија или пак е штитење на нивниот капитал, не сфаќајќи дека за да го направат тој капитал им е потребна работна сила и квалификувани работници. Не знам зошто нашата подадена рака не ја сфатат како рака на сила, со којашто ќе им дадеме сила на нив, а тие на нас. Ние имаме заеднички „непријател“, а тоа не се тие, туку оние што се на власт. Зошто? Бидејќи во пандемијата власта покажа колку се грижи за угостителските и туристичките работници, кога при сето затворање ни даде некоја помош која не беше доволна за тие луѓе да си ги подмират сметките и останатите обврски. За мене беше тоа една симболична сума, а тоа го велат и дел од работодавачите со коишто имам разговарано.

Работник: Колкав е интересот на македонските угостителски работници да заминат на постојана работа во странство и дали имаат такви можности?

Папулев: Интересот е голем. Многу е интересно тоа што луѓето кои пристапија во Синдикатот за угостителство и туризам на Македонија и кои сакаат да работат во Хрватска, половина од нив немаат допирна точка со угостителството. Тие се од администрација, полиција, војска, банкарскиот сектор и од други професии. Ова ми зборува дека народот во Македонија е масовно незадоволен од животниот стандард. Кога заминуваат луѓе од овие бранши, каде што би се подразбирала некоја сигурност во платите, тоа ми кажува дека не само ние од угостителскиот сектор се соочуваме со ниски плати, со неубав живот за живеење. Буквално, луѓето се борат за гол живот и си го бараат чарето. Мене ми е жал што е така, јас би сакал сите наши работници да останат тука, но за да се случи тоа и да им помогнеме на работниците треба општествено да размислуваме и да ги подобриме нивните услови, затоа што ќе ни избегаат и нема повеќе да се вратат. Она што е најтрагично е што претежно се брачни двојки, што значи дека бараат начин да ја напуштат државата и Хрватска ја гледаат како отскочна даска. Се надеваат дека таму ќе добијат добра понуда и ќе останат, што за мене е поразително.

 

Фото: Работник

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk