МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

Коцевски: Зголемувањето на платите на полицајците за 10 % е потценувачко и недоволно

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска истакна дека вработените во МВР од 1 октомври ќе земаат плата зголемена за 10 %, а до крајот на годината ќе добијат и 10,000 денари регрес за годишен одмор.

Редакцијата на порталот Работник побара коментар од првиот човек на Синдикатот на полицијата во Македонија, Орце Коцевски за зголемувањето на платите и регресот за годишен одмор.

Коцевски е на ставот дека зголемувањето на платите за 10 % не е така спектакуларна вест за полицијата.

Ќе беше одлична вест доколку ова зголемување се случеше пред 3 или 4 години кога имавме едноцифрена инфлација. Во време на двоцифрена инфлација ова зголемување е незначително и според мене потценувачко и недоволно за полицаецот, изјави Коцевски.

Во време кога полицајците земаат основна плата од 15,500 денари, објасни Коцевски, десет проценти се недоволни, со оглед на тоа што поголемиот дел од вработените се наоѓаат на работ на егизистенција.

Она што во најмала рака треба да го направи МВР, според Коцевски е да го прифати барање на СПМ за едно евро еден бод, за да на тој начин се дојде еден чекор до тоа полицајците да бидат задоволни.

Во време кога скоро сите институции се во преговори да добијат повеќе проценти зголемување на платите и најверојатно ќе ги добијат, како синдикат ќе сториме се‘ вработените да добијат повиоски плати. Се‘ што бараме од нив е поддршка во таа борба, рече Коцевски.

Во однос на регресот за годишен одмор за 2023 година, тој вели дека со тие пари во ова време може да се наполни една мала количка со храна од супермаркет и таа храна за едно четиричлено смејство биде доволна само за неколку дена.

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk