КСС, КСОМ и УНАСМ го поздравуваат намалувањето на репрезентативноста од 10% на 5%
Во Собранието на Република Северна Македонија, претседателот на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, Бојан Стојаноски, заедно со пратениците Даниела Велимова и Беким Сали, денеска одржаа средба со претставници на синдикатите. Разговараа за законските измени кои се однесуваат на намалување на условот за репрезентативност на синдикатите од 10 на 5%, со цел да се овозможи нивно учество во Економско-социјалниот совет.
Стојаноски изјави дека целта на денешниот состанок е да се оствари “една отворена средба, каде што се поканети сите синдикати, односно сите оние конфедерации или здружувања на синдикати и по скратена постапка да ги поднесат законските измени во Законот за работни односи.” Тој потенцираше дека измените се донесени со консензус и дека намалувањето на условот за репрезентативност ќе ја “демократизира токму репрезентативноста на синдикатите во Економско-социјалниот совет”, со што ќе се обезбеди поголема застапеност на работниците во советот.
“Вреди да кажам дека ние оваа средба ја објавивме јавно, со отворен повик до сите синдикални организации. Жалам што одреден дел од синдикалните организации не одлучија да дојдат тука. Но, сакам да ја упатам порака дека и во иднина ние во ваква форма ќе ги носиме законските решенија што ќе ги тангираат синдикалните организации, бидејќи се додека имаме аргументиран дијалог не е страшно и да не се согласиме. Но се додека разговараме сметам дека можеме да ги решавиме проблемите и да се движиме во таа насока,” додаде Стојаноски.
Тој исто така истакна дека со поголем број синдикати во Економско-социјалниот совет, може да се изврши посилен притисок врз работодавачите и Владата за исполнување на синдикалните и работничките барања. На прашањето зошто не присуствуваат претставници на ССМ, Стојаноски одговори дека лично го поканил претседателот на ССМ, кој најавил дека ќе заземат заеднички став во синдикатот, а поканата за средба останува отворена.
Марјан Ристески, претседател на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ), оцени дека законските измени нудат “поквалитетни решенија, како и поквалитетен социјален дијалог”, и дека државата е на “добар пат да ги оствари правата за синдикални движења.” Тој додаде: “Досега знаеме дека имаше 10 посто репрезентативност. Тоа беше голема бројка на членови да се собере, еве тврдам дека ниту еден од синдикатите немавме и имавме застој во Економско-социјалниот совет. Мислам дека сега пратениците предлагаат едно добро решение, каде што репрезентативноста се намалува на 5%, на тој начин повеќе синдикати ќе бидат вклучени во Економско-социјалниот совет.”
Ристески исто така укажа на отсуството на претставници од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и упати јавна порака да се приклучат кон дијалогот доколку работат во интерес на работниците и да ги надминат несогласувањата меѓу синдикалните здруженија.
Слободан Антовски, претседател на Унијата на независни и автономни синдикати на Македонија (УНАСМ), ги поздрави законските измени и постигнатиот консензус за намалување на условите за репрезентативност: “Среќен сум што се донесе еден ваков акт, за да може и помалите синдикати, под наводници, бидејќи ние цело време, скоро 30 години говориме и не успеавме да дојдеме до тој цензус, бидејќи имавме отпор не од властите, туку повеќе од Сојузот на синдикатите на Македонија и драго ми е што овој Закон се носи и што оваа власт имаше свест да го донесе овој Закон.”
Благоја Рапалковски, претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), посочи дека овие законски измени се во согласност со препораките од Меѓународната организација на трудот, кои бараат демократизација на синдикалното организирање: “Во оние работни групи во коишто се изработуваше Нацрт плановите и Нацрт законите во делот на работните односи, изминатите години секогаш имало консензус да се намали прагот на репрезентативност, по барање на помалите синдикати.”

