Лекарите во Тузланскиот кантон во генерален штрајк: „Владата нè турна во ова, здравствениот систем оди кон колапс“
Докторите по медицина и стоматологија во Тузланскиот кантон на БиХ од утринава се во генерален штрајк, беше потврдено на прес-конференција на Струковниот синдикат на доктори по медицина и стоматологија на ТК.
Претседателката на Синдикатот, Елвира Коњиќ, изјави дека штрајкот не бил избор на лекарите, туку последица на, како што наведе, повеќемесечно игнорирање на нивните барања и отсуство на сериозен дијалог со Владата на Тузланскиот кантон.
Генералниот штрајк се спроведува во домовите на здравје во Бановиќи, Кладањ, Живинице, Грачаница, Градачац, Теочак, Челиќ, Сребреник и Калесија, додека штрајкот засега не е започнат во УКЦ Тузла, Домот на здравје Сапна и Домот на здравје Добој Исток поради судска арбитража околу договорот за минимум процес на работа за време на штрајк.
„Владата нè турна во штрајк. Со месеци предупредувавме, бевме трпеливи, подготвени за дијалог и барање решенија, но позитивен одговор немаше“, изјави Коњиќ.
Таа додаде дека последната средба со претставниците на Владата била одржана на 11 мај, но без конкретен напредок, додека Синдикатот во петокот добил предлог-протокол за продолжување на преговорите, кој бил одбиен.
„Протоколот не е обврзувачки и претставува легален начин преговорите да се развлекуваат бесконечно. Ние веќе немаме доверба во празни ветувања“, порача претседателката на Синдикатот.
„Граѓаните први ќе ги почувствуваат последиците“
Лекарите тврдат дека се борат за зачувување на јавното здравство и достапната здравствена заштита, предупредувајќи дека граѓаните први ќе ги почувствуваат последиците од распаѓањето на системот.
„Граѓаните издвојуваат средства за здравствено осигурување и имаат право на достапна здравствена услуга. Токму поради односот на Владата, таа услуга сега ќе биде потешко достапна“, рече Коњиќ.
Таа нагласи дека штрајкот засега е организиран во „поблага форма“, со минимално ограничување на здравствените услуги, но предупреди дека во случај на продолжување може да следуваат и порадикални чекори.
Лекарите бараат изедначување на платите
Особено емотивен дел од прес-конференцијата се однесуваше на положбата на докторите во Тузланскиот кантон и односот на властите кон медицинскиот кадар.
Доктор Ирфан Малкиќ потсети дека Владата на ТК уште во 2024 година ветила преговори за корекција на анексот на колективниот договор, но дека една година подоцна нема конкретен резултат.
„Една година преговараме за еден член од анексот на колективниот договор. Тоа е понижувачки однос кон докторите. Владата во меѓувреме заштеди милиони, додека лекарите останаа меѓу најслабо платените во Федерацијата БиХ“, изјави Малкиќ.
Според него, докторите во ТК имаат и до 30 проценти пониски примања од колегите во другите кантони, иако работат во услови на огромен притисок, недостиг од кадар и сè поголем административен товар.
„Не бараме привилегии. Бараме изедначување на коефициентите со колегите во другите кантони и репрезентативниот синдикат на доктори да преговара во име на докторите“, нагласи Малкиќ.
Сè повеќе лекари заминуваат во странство и приватниот сектор
На проблемот со одливот на медицински кадар предупреди и доктор Мирсад Шљивиќ.
„Имаме и надворешна и внатрешна миграција на доктори. Колегите заминуваат во Словенија, Германија и Австрија, но сè повеќе и во Сараево или во приватниот сектор поради подобри услови за работа и повисоки примања“, изјави Шљивиќ.
Тој предупреди дека заминувањето на специјалисти и супспецијалисти претставува сериозен удар за здравствениот систем, особено за УКЦ Тузла, каде едукацијата на кадарот е долг и сложен процес.
„Можеби јавниот здравствен систем формално ќе постои, но нема да има кој да пружи здравствена услуга. Тоа е суштината на нашето предупредување“, порача Шљивиќ.
Синдикатот бара итен договор со Владата
На крајот, Синдикатот уште еднаш ја повика Владата на Тузланскиот кантон итно да го потпише анексот на колективниот договор и обврзувачкиот договор со лекарите, со цел штрајкот да биде прекинат.
„Решението постои и може да се заврши со потпис од пенкало за пет минути“, порачаа претставниците на Синдикатот.
Тие додадоа дека понудениот протокол од Владата на ТК во суштина претставува „купување време“, бидејќи за четири месеци започнува предизборната кампања, па според нив, прашање е со кого Синдикатот воопшто ќе преговара. Предлогот на Владата беше оценет како политички потег.
Извор: N1

