Македонски државјани поседуваат вкупно 55 имоти во Дубаи, вредни 14 милиони долари
Македонски државјани поседуваат вкупно 55 имоти во Дубаи, вредни 14 милиони долари, покажува истражувањето на норвешката веб-страница Е24, базирана на „протечени“ документи за имотите на странци во блискоисточната метропола, објавено во вторник.

Во документите е наведен бројот на сопствениците на луксузни вили, станови и фирми во Дубаи. Многумина од сопствениците на скапите имоти се луѓе кои во своите земји, но и пошироко, се барани за сериозен криминал, се вели во извештајот, изготвен со помош на стотици новинари, професори и истражувачи од цела Европа. Податоците и табелата со бројот на сопственици на имоти во Дубаи од сите земји се објавени од Центарот за напредни одбранбени студии од САД и се однесуваат на 2020 година.

Не е невообичаено, ниту незаконски странски државјани да поседуваат имот во Дубаи, но кога станува збор за „офшор“ инвестиции, тогаш работите се менуваат, се вели во извештајот. Според ова истражување, многу граѓани во светот купуваат имоти во Дубаи за да избегнат данок или да перат пари заработени на незаконски начин.
Косовски државјани, според извештајот, имаат „помалку од пет имоти“, кои се во сопственост на „помалку од петмина сопственици“, а вредноста е околу еден милион долари. 17 луѓе од Албанија во Дубаи имаат регистрирано 19 „офшор“ имоти со вкупна вредност од 7 милиони долари. Од соседните земји, Србија има најмногу имоти: вкупно 287. Тие се во сопственост на 237 сопственици, а вкупната вредност е 74 милиони долари.

