МЗМП: Барањата за правна помош се двојно зголемени во јуни и јули, во однос на март и април
Во текот на месеците јуни и јули обемот на обезбедената примарна правна помош од страна на МЗМП е зголемен двојно во однос на месеците март и април, велат од Македонското здружение на млади правници ексклузивно за порталот Работник.
Според нив, Македонија се уште се соочува со сериозни проблеми во однос на почитување и остварување на работничките права. Појавата на коронавирусот ги истакна пред се проблемите со почитување на правилата за безбедност и заштита при работа, од аспект на воведените мерки за заштита од коронавирус, но доведе и до ситуации во кои кризата се користеше како причина за промена на постоечките договори за вработување од неопределено на определено време, драстично намалување на платите и искористувањето на годишниот одмор.
Во однос на фирмите кои зедоа финансиска помош од државата, но не им исплатиле минимална плата на работниците, од МЗМП рекоа дека при осмислувањето и креирањето на мерките за финансиска поддршка на компаниите и работниците мора да се земат предвид сите можни злоупотреби и да се воспостават механизми преку кои ќе се контролира спроведувањето на ваквите мерки, но и систем кој навремено ќе реагира со цел корегирање на одредена неправилност.
“Во случајот кој се споменува, морало да се воспостави механизам преку кој ќе се следи не само кои компании воопшто не ги исплатиле средствата наменети како финаниска помош за исплата на плати, но и дали останатите компании исплаќањето на овие средства го извршиле во целост или само делумно”, велат од здружението.
Истакнаа дека државата мора да работи на запознавање и информирање на работниците со мерките кои се донесени во насока на нивна поддршка во овој период, но и можноста ваквите и слични неправилности да се пријават до Државниот инспектрат на трудот кој е надлежен да го следи остварувањето на правата од работен однос генерално, вклучувајќи ги тука и ваквите мерки донесени во периодот на кризата од коронавирусот.
Бобан Илијевски

