Колумни

Минимална плата за минимален живот!

Благоја Ралповски

Во изминативе години се изнаслушавме за поимот минимална плата, но се додека можеше да служи за промоција и собирање на политички поени. Сега во време кога минималната плата порасна за 1.7% , а инфлацијата во првата половина во државата е 4%, сите ја заборавија, затоа што не може да носи профит на рејтингот на политичарите.

Македонија е пред нови избори, локални, и сега треба да се почне со лицитирање, поголеми плати за докторите, за професорите, итн., но ниако да се помисли на се посиромашниот работник.

Важноста на личниот доход на еден работник е најбитната основа за планирање на животот на неговото семејство, за просперитетот и напредокот на децата. Но во нашата земја по се изгледа се заборава дека тоа е најбитно и се користи само за популизам.

Минималната плата растеше вештачки, политички, само по потреба за глас повеќе, но никако природно, пропорционално и вертикално. Дојдовме до хаос во делот на платите, имаме порамнувања на многу професии, со тоа паѓа продуктивноста, се намалува профитот и доаѓа до затварање на бизнисите и социјална криза.

Ако во 2017 година минималната плата растеше согласно формулата со која се пресметува, во овој момент ќе беше некаде приближно околу 14 500 денари, но за разлика од политичкиот и вештачкиот раст, немаше да дојде до порамнување, туку по вертикала ќе растеа и другите плати. Но, тајната е во тоа што сега нема да можеа да лицитираат и прават популизам со платите на грбот на работникот.

Многу пати имам споменато дека власта во Македонија воопшто не се гржи за сиромашниот работник, но секако сега ќе кажам и дека едноставно не ја интересира сиромашниот работник.

Македонскиот систем во делот на трудовото право е сосема урнисан, и него му треба комплетно рестартирање, за да можеме да го избегнеме влијанието на политиката врз него затоа што вака работничките права се кршат секојдневно. Мораме да преземеме итни мерки, инаку во спротивно работникот кој што не може да преживее со Македонска плата, својот пат и просперитет ќе го гледа надвор од државата. Да, ние сме традиционално печалбарски народ, но верувајте утре и задутре нема кој да работи во нашите фабрики, ќе нема просперитет за бизнисот и државата ќе станува се посиромашна и посиромашна.

Затоа драги мои, Ве замолувам Вие кој што го уништивте социјалниот дијалог, кој го користите само за правдање пред меѓународната заедница, доколку не се освестите сега набрзо тоа ќе ви се врати како бумеранг, ќе владеете и ќе имате богатство ама нема да имате работници, нема кој да ви го оплодува капиталот и најбитно ќе нема со кого да владеете. Затоа ако имате малку чуство на патриотизам во Вас и човечност ве замолувам престанете да го злоупотребувате работникот, затоа што тој плаче а вие по се изгледа не можете да слушнете од вашите удобни фотељи.