Музичарите повторно на протест, незадоволни и од новите мерки
Музичарите повторно излегуваат на протест, поради дел од новите ковид-мерки, со кои жива музика е дозволена на свадби и прослави, но не и во секојдневието, во угостителските објекти.
Дополнително, угостителите не се задоволни од одлуката на властите да може да се организираат настани и прослави само во отворениот дел од локалите, а не и во затворениот.
Според музичарите, тие во времето на пандемијата изгубиле многу пари, особено оние кои живеат од своите „тезги“ и настапи, со оглед на тоа што поголем дел од изминатиот период не беа дозволени никакви настани со музика во живо.
Музичарите апелираат до владата да ја поништи одлуката и да дозволи жива музика во сите угостителски објекти, секако со одредени протоколи бидејќи како што велат тие повеќе од 15 месеци не биле во можност да ја работат својата дејност.

