Најголемиот број претставки за дискриминација во работните односи се од вработени во јавниот сектор
Најголемиот број претставки за дискриминација во работните односи се од вработени во јавниот сектор
Според податоците, најголемиот број претставки за дискриминација во работните односи се доставени во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација од вработени во јавниот сектор. На оваа состојба посочува и Игор Јадровски, член новиот состав на Комисијата.
„Ефикасно спречување на дискриминацијата во работните односи е прилично комплексно прашање. За почеток треба да се најде начин како да се охрабрат вработените во приватниот сектор да пријавуваат случаи на дискриминација во работни односи. Ова го кажувам од причина што најголемиот број претставки за дискриминација во работните односи кои се доставени до Комисијата се од лица вработени во јавниот сектор“, вели Јадровски.
Во таа насока, а со цел ефикасно спречување на дискриминацијата во работните односи, Јадровски смета декa е клучна соработката која треба да ја воспостави Комисијата за заштита и спречување на дискриминацијата со Државниот инспекторат за труд како орган кој е задолжен за следење на спроведувањето на Законот за работни односи, во смисла на јакнење на капацитетите за препознавање и постапување во случаи на дискриминација од страна на подрачните единици на инспекторатот.
Секако, додава тој, нужна е и соработката со синдикатите и Организацијата на работодавачи, во насока на информирање и подигање на свеста за постоењето на различни форми на дискриминација во работните односи.
„Финално, сметам дека се потребни измени и дополнувања на Законот за работни односи со цел негово усогласување со Законот за спречување и заштита од дискриминација“, нагласува Јадровски.
Инаку, во Законот за работните односи во одредбите со кои се регулира забраната за дискриминацијата се пропишува дека работодавачот не смее барателот на вработување или работникот, да го става во нееднаква положба заради расно или етничко потекло, бојата на кожата, полот, возраста, здравствената состојба, односно инвалидност, религиозното, политичко или друго убедување, членување во синдикатите, националното или социјалното потекло, статус на семејството, имотната состојба, половата насоченост или заради други лични околности.
На жените и мажите мораат да им бидат обезбедени еднакви можности и еднаков третман во врска со: пристап до вработување, вклучувајќи унапредување и стручна и професионална обука во работата; условите за работа; еднаква исплата за еднаква работа; професионални шеми за социјалното осигурување; отсуство од работа; работно време и откажување на договорот за вработување.
Принципот на еднаков третман подразбира забрана за директна и индиректна дискриминација.
Обезбедувањето на принципот на еднаквост и спречување и заштита од дискриминација во остварување на човековите права и слободи е цел и на новиот Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Меѓудругото, овој закон се применува од страна на сите државни органи, органи на единиците на локалната самоуправа, правни лица со јавни овластувања и сите други правни и физички лица и во областата на работата и работните односи.
Тимот на Јуридика

