ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Невработените не ги исполнуваат потребите на работодавачите поради немање на потребните вештини

   Време за читање 7 минути

80 % од невработените ги немаат потребните вештини и квалификации за потребите на пазарот на трудот. Ова го вели Извештајот на Европската комисија за Македонија, од 2020 година.

Според Деспина Туманоска, економски експерт од Институтот за економски истражувања и политики – Finance Think, вели видот на невработеност карактеристичен за македонскиот пазар на труд е т.н. структурна невработеност, што значи дека постои голема разлика помеѓу вештините што ги бараат работодавачите, и оние што ги нуди работната сила.

Таа главниот проблем го наоѓа во образовниот систем кој, како што вели, се уште е базиран на теорија наместо на пракса, па лицата коишто го завршуваат образованието немаат соодветни вештини за да одговорат на потребите на пазарот на труд.

„Реформата на образованието е долг и тежок процес, но со вклучување на работодавачите во креирањето образовни курикулими, воведување дуално образование и задолжителна практична работа, ќе се подобри оваа ситуација“, вели Туманоска.

Дополнително,  потребна е детална анализа на потребите на стопанството од една страна, и квалификациите на работната сила од друга, со земање во предвид на локалниот контекст, како и нови мерки за доквалификација/преквалификација на работната сила и поголеми буџетски средства за постојните мерки предвидени во оперативниот план за мерки за вработување, заклучува Туманоска.

Претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија Ангел Димитров во изјава за порталот Работник пред еден месец посочи дека расчекорот на понудата и побарувачката на работна сила беше, е и ќе биде најголемиот проблем на нашата држава во иднина, вели Претседателот на Организацијата на Работодавачи на Македонија Ангел Димитров на прашањето на порталот Работник што треба да се направи за да оние коишто се невработени да се пренесочат кон потребите на стопанството. 

„Не требаше Европската комисија да ни констатира дека 80% од невработените не се заинтересирани за работните места кои им се нудат. И што е уште по страшно не прифаќаат преквалификации и обуки за работни места кои не им се интересни“, вели Димитров. 

Според него, овој проблем е многу поголем и треба да се гледа од два аспекта.

Како што вели, првиот аспект се состојбите во образованието и кариерното насочување на младите, а вториот е неповолната структура на стопанството каде се доминантни гранки со ниска додадена вредност кои не можат да исплаќаат поголеми плати.

Затоа, вели, борбата со овој проблем треба да се води истовремено на двата фронта. Да се насочуваат младите уште од основно училиште да се запишуваат на средни училишта кои одговараат на нивните способности и афинитети, а не да запишуваат училиште за струка во која воопшто не се гледаат себеси во иднина.

Истакна дека треба да се зајакнат критериумите за оценување во основните и средните училишта и за упис на факултетет, а дипломите мора да гарантираат одредено ниво на знаење.

Вели дека не треба да се дозволи ученици со многу ниско ниво на знаење да се запишуваат на државни факултети, бидејки таквите инвестиции се однапред залудно потрошени.

Вториот фронт, како што вели е промена на структурата на стопанството од ниско продуктивни гранки во по пропулзивни дејности кои ќе имаат поголема додатна вредност и ќе може да исплаќаат повисоки плати.

„И во оваа битка располагаме со многу малку ресурси. За високо-технолошки дејности се потребни високо квалификувани работници кои ги немаме, и е потребно капитал за вложување во современа опрема и технологија. Бидејќи Македонија издвојува за наука 10 до 20 пати помалку од развиените земји, јасно е дека не можеме сами да креираме нови технологии, туку е потребно да ги купуваме од надвор“, вели Димитров. 

Порача дека во стратегијата за борба на овие два фронта треба да бидеме реални во согледување на состојбите и свесни дека состојбите не може да се променат преку ноќ. Како држава да не се однесуваме исто како што се однесуваат младите луѓе да ги гледааат развиените западни земји и да си замислуваат дека живеат во земја која има БДП 30.000 долари по жител. Треба да сме реални и трпеливи и чекор по чекор на среден рок да се доближимке до нив. 

Од Стопанската Комора на Македонија тогаш рекоа дека потребно е најбрзо што може да се направи долгорочна национална стратегија за економски развој, која ќе овозможи зголемување на економскиот раст на земјата и сосема нова концепција на разбирање на образованието. Концепција која ќе се преточи во стратегија, во која образованието ќе биде врвен приоритет во државата и во која ќе се направат идните планирања за доброто на општеството и на економијата. Тоа значи:

  1. зголемени финансиски вложувања во образованието, особено во стручното образование;
  2. хармонизација на законодавството во образовната политика;
  3. флексибилно образование, кое ќе ги следи потребите на стопанството и кое ќе испорачува квалификации според барањата на работодавците;
  4. зајакната соработка и активност меѓу образовните институции и бизнис-секторот;
  5. измена на уписната политика и на атрактивноста на стручното образование;
  6. обучени наставници по практична настава и квалитетна практична обука во компаниите;
  7. олеснети процедури за осигурување на квалитетот;
  8. рационализација и соодветна реалокација на мрежата на стручни училишта, според потребите на компаниите на локално и на регионално ниво и
  9. најитно воспоставување на моделот за кариерно советување во основното образование.

Од Комората истакнаа дека во насока на стекнување и на унапредување на стручните вештини за потребите на стопанството, без разлика на местото и на годините, важен сегмент се процесите на преквалификација и доквалификација преку неформалното образование.

„Тоа значи посета на брзи и кратки курсеви преку дизајнирани програми за обука според потребите и специфичностите на секторите и на компаниите. Во таа насока, важна е соработката на Стопанската комора на Македонија со Агенцијата за вработување при подготовката на оперативниот план за вработување, во кој се земаат предвид анализите што ги прави Комората за предвидувањата на обуките за вештините и занимањата за потребите на стопанството“, рекоа од Комората. 

Бобан Илијевски