Новинарскиот синдикат на AFP со драматично предупредување: Нашите новинари во Газа би можеле да умрат од глад
Синдикатот на новинарите при француската новинска агенција AFP објави потресно соопштение во кое предупредува дека нивните последни дописници во Појасот Газа се соочуваат со непосредна закана од смрт поради глад, додека израелската блокада на храна и хуманитарна помош продолжува.
Во објава на социјалната мрежа X (поранешен Twitter), Синдикатот на новинарите (SDJ) напиша:
„Од основањето на AFP во август 1944 година, изгубивме новинари во конфликти, имавме ранети и заробени, но никој од нас не памети да видел колега како умира од глад.“
Новинарите на AFP кои се уште се присутни во Газа – еден репортер, три фотографи и шест видеорепортери – работат во крајно нехумани услови. Секојдневно го ризикуваат животот за да ја документираат хуманитарната катастрофа.
„Телото ми е исцрпено, немам сила ниту да одам“
Фотографот Башар Талеб, еден од дописниците, напиша на социјалните мрежи:
„Немам веќе сила да работам. Телото ми е исцрпено, не можам ни да одам.“
Талеб, кој има 30 години, живее во урнатините на својот дом заедно со мајка си, браќа, сестри и поширокото семејство. Во неделата објавил дека неговиот постар брат се онесвестил поради глад. Во Газа речиси и да нема храна, струја, лекови или пристојни услови за живот. Иако технички примаат плата од AFP, банките не функционираат, а неформалните менувачници земаат и до 40% провизија. Горивото за новинарските возила е завршено, а движењето со автомобил е опасно поради израелските воздушни напади. Сега, новинарите пешачат или користат магариња за превоз – кога имаат сила за тоа.
Новинарката Ахлам од јужниот дел на Газа изјави:
„Секогаш кога излегувам од шаторот за да известувам, не знам дали ќе се вратам жива… Но најтешко е тоа што нема храна и вода.“
Хроничен глад и смртоносна хуманитарна криза
Светската програма за храна (WFP) проценува дека половина милион луѓе во Газа гладуваат. Според извештај на Канцеларијата за координација на хуманитарни прашања на ООН (OCHA), голем дел од населението преживува со еден лош оброк дневно – или без храна воопшто.
Родителите ги тераат децата да не се движат многу за да заштедат енергија, а семејствата бараат остатоци храна по депонии. Некои дури и постат, за да им остават на децата залак леб.
Иако САД и Израел технички дозволија хуманитарни конвои преку т.н. Газа хуманитарен фонд (GHF), помошта е недоволна и често заглавена на контролни пунктови и до 20 часа. Во меѓувреме, на дистрибутивните точки на храна владее хаос: речиси 1.000 Палестинци биле убиени додека се обидувале да стигнат до помошта – од израелски и американски сили.
Системот на помош – претворен во „смртоносна замка“
Amnesty International обвини дека Израел и САД ја користат гладта како оружје. „Израел ја претвори потрагата по хуманитарна помош во смртоносна замка за очајните и изгладнети Палестинци“, стои во извештајот. Лекари без граници (MSF) алармираа дека бројот на потхранети деца е четири пати повисок од мај.
УНИЦЕФ и UNRWA исто така предупредија дека повеќе од еден милион деца во Газа се изложени на глад и дека „сведочиме на вистински услови за масовна глад“.
Повеќе од 59.000 загинати – обвиненија за геноцид и воени злосторства
Израелската офанзива врз Газа, која започна на 7 октомври 2023 година, резултираше со смрт на повеќе од 59.000 Палестинци, најмногу жени и деца. Во ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на премиерот Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант, под сомнение за воени злосторства и злосторства против човештвото.
Паралелно, Израел се соочува со тужба пред Меѓународниот суд на правдата поради наводен геноцид.
Новинарите на AFP се уште се на терен, сведочејќи за една од најтешките хуманитарни катастрофи на денешницата – додека самите се борат да преживеат.
Извор: N1

