Овие три занимања ќе бидат први на удар на вештачката интелигенција
Изложеноста на вештачката интелигенција ќе има различни последици врз различните занимања. Повеќе независни студии заклучиле дека две третини од професиите во блиска иднина ќе може целосно да ги замени вештачката интелигенција или пак во голема мера ќе се извршуваат со помош на овие алатки.
Шведското здружение на работодавачи во услужниот сектор Almega, кое обединува 10.000 компании со околу 500.000 вработени, во својот извештај наведува дека меѓу првите на удар ќе бидат ревизорите, статистичарите и тонските техничари.
Од друга страна, професии како електричари, полицајци и возачи на итна помош ќе бидат значително помалку погодени од оваа технологија, покажува извештајот спроведен од истражувачка група при Меѓународниот монетарен фонд, пренесува шведскиот весник Dagens Nyheter.
Автоматизација на третина од работните места
Според Forbes, анализата на американската консултантска компанија McKinsey предвидува дека до 2030 година околу 30 проценти од сегашните работни места во САД ќе бидат автоматизирани, а 60 проценти значително ќе се изменат поради воведувањето на алатки засновани на вештачка интелигенција. Инвестициската банка Goldman Sachs оди чекор подалеку и прогнозира дека речиси половина од сите работни места во САД може целосно да бидат преземени од генеративната AI и роботиката до 2045 година.
Најчесто користениот метод за мерење на ризикот е степенот на преклопување меѓу човечките способности потребни за одредена професија и можностите на AI. Колку што е поголемо преклопувањето, толку професијата е поизложена на автоматизација.
Најпогодени професии
Истражувањата покажуваат дека секторите на финансии и осигурување се меѓу најризичните. Во Европа, 65 проценти од вработените работат во области со средна изложеност на AI, додека кај 25 проценти професиите се „многу високо изложени“. Околу 10 проценти од работните места не може да бидат заменети со технологија.
Според Almega, резултатите од студиите направени врз американски податоци се релевантни и за европскиот пазар на труд.
Професии кои може да исчезнат: графички дизајнер, ревизор, статистичар, административен работник во здравство, компјутерски програмер, софтверски инженер, тонски техничар.
Професии кои ќе се променат: архитект, лекар, судија, социјален работник, наставник, агент за недвижности, медицинска сестра, инженер.
Професии кои најмалку ќе бидат погодени: дадилка, готвач, благајник, електричар, полицаец, возач на итна помош, физиотерапевт.
Извор: EUpravo zato / Index.hr

