ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ НЕМА АБЕР ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА 40 МАШИНОВОЗАЧИ, ВЕЛИ ДИМОВСКИ
Потребни се 40 вработувања на неопределено време на машиновозачи за да можеме да функционираме, со оглед на тоа дека голем дел од нашите колеги ќе заминат во пензија, вели Тони Димовски, Претседател на Синдикатот на машиновозачи на Македонија. Бараат и зголемување на бодот на платите за 30 %.
Тој со нас сподели податок дека нив дневно им се потребни 24 машиновозачи за патничките и товарните возови. А, со оглед на тоа дека голем дел од нивните колеги ќе заминат во пензија, нема да можат ниту половина од овие потреби да ги исполнат.
„Немаме машиновозачи. Моментално откажуваме четири товарни возови и два патнички за Табановце, Куманово“, вели тој.
Димовски вели дека причината поради којашто бараат вработувањата да бидат на неопределено работно време е тоа што потребно е подолго време еден почетник да стане машиновозач.
„Ќе помине повеќе од една година додека да биде машиновозач. Треба да оди на обука, да биде приправник, треба да полага за лиценца, да полага усно пред Комисија; потоа да биде помошник шест месеци, па пак да полага пред Комисија, за да стане машиновозач“, вели Димовски.
Како што ни објасни, тие поднеле неколку барања до Владата, Министерството за финансии и Министерството за транспорт и врски.
На 103. седница на Владата (23.11), таа донела одлука со која го задолжила Министерството за финансии да издаде согласност на ЖРСМ „Транспорт“ за вработување на 40 машиновозачи, рече Димовски, нагласувајќи дека од тогаш до денес во нивната фирма не стигнал никаков документ.
„Ние тука мака мачиме со луѓе, за да можеме да опслужиме барем дел од возовите кои се закажани по распоред“, вели тој.
На прашањето дали ќе можат да се најдат 40 машиновозачи, Димовски цени дека ќе може. Според него, има 20 луѓе со лиценца кои оделе на обука, а има и уште неколку што тој лично ги познава, па вели дека ќе можат да се најде потребната бројка.
Димовски посочи дека поради зголемени трошоци на живот, но и претстојното зголемување на минималната плата, бараат и зголемување на бодот од 30 %. Досега од синдикатот три пати пуштиле барање до Железници, но досега нема одговор од страна на раководството.
Основицата на платата на машиновозачите, кога во предвид ќе се земат коефициентите, изнесува околу 20,600 денари.
„Мислам дека нема никаква логика на машиновозач, со толку голема одговорност, основицата да му биде 20,600 денари“, вели Димовски.

