Светот на работникот

Парадокс на пазарот на труд: Зошто „идеалните“ кандидати со месеци не можат да најдат работа?

Иако официјалните податоци за глобалната економија често покажуваат стабилна стапка на невработеност, зад бројките се крие загрижувачки тренд: сè поголем број луѓе бараат работа подолго од шест месеци. Според дефиницијата на бирото за труд во САД, овие „долгорочно невработени“ денес сочинуваат дури една четвртина од вкупниот број лица без работа.

Од ИТ-експерти со шестцифрени плати до млади таленти со врвни дипломи, приказните се речиси идентични. По децении стабилни кариери, многумина се приморани да прифаќаат „gig“ ангажмани, достава на храна или да се вратат во домовите на родителите за да преживеат, пренесува CNBC Make It.

Од „бум“ до стагнација

Експертите објаснуваат дека актуелната состојба е директна последица на корекцијата на пазарот по пандемијата и „прекумерното вработување“ во 2022 година.

Намалена побарувачка: Бројот на отворени позиции, стапката на вработување и доброволните откази се во континуиран пад.

Стагнација: За разлика од претходните кризи, како онаа во 2008 година, работниците денес повеќе сакаат да останат на тековните позиции, што дополнително ја намалува циркулацијата на работната сила.

Избирливост на работодавачите: Компаниите станаа исклучително ригорозни. Процесите на селекција со по осум кругови интервјуа стануваат норма, а често завршуваат без ниту една понуда.

Младите работници под најсилен удар

Особено погодени се младите професионалци. Бројот на почетни позиции (entry-level) е намален за околу 35 проценти во последните две години. На тие работни места сега конкурираат лица со повисоко образование или со повеќегодишно искуство, што ги остава младите дипломци без реална шанса. Дополнителни пречки, како промените во визите за странски работници и високите такси, уште повеќе ја отежнуваат потрагата.

Долгорочната невработеност не е само финансиски проблем, туку и „ментална војна“. Кандидатите кои некогаш биле многу барани денес се чувствуваат игнорирани, што ја нарушува нивната самодоверба и ги тера на драстични чекори.

Прифаќање пониски плати: Многумина се подготвени да ги намалат своите очекувања за 10.000 до 15.000 евра или долари годишно, само за повторно да „влезат во системот“.

Губење на бенефиции: Поголемиот дел од долгорочно невработените одамна го исцрпеле осигурувањето за невработеност, кое во просек покрива помалку од 40 проценти од претходните приходи.

Не е личен неуспех, туку структурен проблем

Клучната порака што ја испраќаат оние кои бараат работа е дека долгорочната невработеност сè уште неправедно се доживува како личен недостаток, иако во реалноста станува збор за структурно пореметување.

Пазарот моментално се наоѓа во фаза во која понудата на работна сила значително ја надминува побарувачката, особено во секторите погодени од инвестициите во вештачка интелигенција и високите каматни стапки. За милиони професионалци, невработеноста повеќе не е привремена состојба, туку нов „статус кво“ што бара огромна психолошка сила и промена на пристапот кон кариерата.

Извор: BIZLife.rs