Платите во овој сектор достигнуваат и до 1,500 евра, но сепак постои можност за одлив на кадар
Бобан Илијевски
Еден од начините да се заштити климата е да се поставуваат соларни панели, преку кои може да се добива електрична енергија со помош на сончевата светлина.
Голем број на експерти предупредуваат дека треба да се пренасочиме кон соларната енергија, за да може да се намали штетноста која ја причинува јагленот којшто се користи за да се произведе електрична енергија.
Соларните панели произведуваат електрична енергија без емисии од јаглерод диоксид кој во големи размери штети врз животната средина, но предизвикува штети и по здравјето на човекот.
Но, за да може да се постават соларни панели, потребно е некој да ги инсталира. Во Македонија може да се најдат голем број на компании кои инсталираат соларни панели, но од друга страна интересот за поставување на соларни панели од страна на граѓаните е многу мал. Но тоа најмногу се должи поради фактот што соларните панели се скапи.
Работна сила во секторот на обновливи извори на енергија
Порталот Работник се обрати до Групацијата на обновливи извори на енергија при Стопанската комора на Северна Македонија, од каде што добивме неколку кратки одговори на нашите прашања.
Од Групацијата истакнаа дека во секторот на обновливи извори на енергија се уште има квалитетна работна сила, но предупредија дека постои можност за нивно заминување во странство.
На прашањето за тоа каков кадар е потребен во овој сектор, од Групацијата посочија дека во најголем дел работат електро, машински и градежни инженери, но може да работи и кадар со завршено средно техничко училиште од машинска, електро или градежна струка.
Во однос на платите, од таму велат дека тие зависат од искуството, знаењата и вештините кои ги поседуваат вработените и истите се движат од 400 до 1,500 евра.
Насекаде низ светот постои недостаток на стручен кадар за поставување соларни панели, па поради тоа многу компании се принудени да ги зголемуваат платите, за да привлечат повеќе работници.

