Порака до газдите: Правата на работниците не се подарок, туку се заслужени и одработени со пот
Автор: Бобан Илијевски
Во САД синдикалното здружување зема се поголем замав. Вработените во гигантските компании како Амазон и Старбакс, коишто се познати по прекршувањето на работничките права, започнуваат да формираат синдикати, поставувајќи ги следните барања:
- Пристојна плата
- Добри работни услови и
- Достижен нормиран учинок.
Иницијативата на вработените да формираат синдикати во вакви гигантски компании, кои се крајно контра синдикалното организирање, покажува дека на работниците им е доста од тоа да бидат третирани како робови.
Верувам дека се прашувате зошто вака ја почнувам оваа колумна. Причината за тоа е што сакам да испратам една порака, а таа гласи вака: „Штом вработените во компании коишто вртат трилиони долари годишно, можат да дадат иницијатива да формираат синдикат, можат и вработените во македонските приватни компании“. Сепак кај нас има еден голем проблем – единство. Нема единство меѓу вработените и тоа е благодарение на газдите кои знаат многу убаво да ги „обработат“ за да бидат поделени. Затоа се појавуваат и тие т.н. „кодоши“ кои ги издаваат нивните колеги кај газдата мислејќи дека со тоа ќе постигнат нешто повеќе. Е, поради нив не може да имаме единство.
Замислете, во Амазон синдикатот го иницира поранешен вработен којшто бил на менаџерска функција и на којшто не му се допаѓало како компанијата ги третира вработените. Тој во 2020 година организирал протест поради немање на соодветни заштитни мерки против Ковид – 19, за што бил избркан од работа и повторно не се откажал од тоа да им помогне на вработените. Кај нас, никој нема да се осуди во приватниот сектор да го направи ова. Зошто? Бидејќи се плаши да не биде издаден од негов колега.
Во оној момент кога ќе се постигне единство и нема да има повеќе кодоши, обединетоста кај македонските работници може да профункционира. Дотогаш, газдите ќе ги газат вработените како мравки, а тие нема да можат да направат ништо.
Знам дека има многу луѓе кои не веруваат во синдикат. Тоа е така бидејќи, за жал во Македонија имаме синдикат кој не е синдикат. Синдикат кој потпишува Спогодба работниците да не земат К-15 не е синдикат или пак синдикат кој дозволува на работниците да им биде исплатена плата од 2 денари не е синдикат. Затоа е и таа недоверба, особено на вработените во приватниот сектор. Треба да се најде некој и да им покаже дека може да работи во нивна корист и да се бори да ги остварат сите права од работен однос кој им следуваат согласно законите и колективните договори. Правата на работниците не се подарок, туку тие заслужени. Платата којашто ја примаат, со пот ја одработуваат, така што таа е заслужена, а не подарена.
За да успеат вработените од приватниот сектор да ги остварат правата коишто им следуваат, треба синдикално да се организираат. Газдите се плашат од обединети работници. Кога се во прашање работничките права, силата е во колективот, а не во индивидуалноста.


