СветСветот на работникот

Пораснаа трошоците за труд и во еврозоната и во Европската унија

Во земјите од еврозоната, трошоците за труд по работен час во првиот квартал од оваа година пораснале за 3,4 проценти, додека во Европската унија порастот изнесува 4,1 процент во споредба со истиот период лани, соопшти Евростат.

Двете главни компоненти на трошоците за труд се: платите и надоместоците, како и даноците, придонесите и останатите трошоци.

Во еврозоната, во првиот квартал од годинава во споредба со истиот квартал од минатата година, трошоците по час за плати и надоместоци, како и другите трошоци, се зголемени за по 3,4 проценти.

Во Европската унија, трошоците по час за плати и надоместоци во истиот период се зголемени за 4,2 проценти, додека другите трошоци пораснале за 3,8 проценти.

Трошоците за труд по час во еврозоната пораснале за 2,5 проценти во јавниот сектор, и за 3,8 проценти во деловната економија. Во индустријата зголемувањето е 2,5 проценти, во градежништвото 4,7 проценти, а во услужните дејности 4,3 проценти.

Во Европската унија, трошоците за труд по час се зголемени за 3,4 проценти во јавниот сектор, за 4,4 проценти во деловниот, за 3,3 проценти во индустријата, 5,2 проценти во градежништвото и 4,7 проценти во услужниот сектор.

Најголем пораст на трошоците за плати по час во првиот квартал годинава, во споредба со истиот период минатата година, е забележан кај стручните, научни и технички дејности, недвижнини, како и во снабдување со вода, управување со отпад и санација.

Извор: Ubrzanje.rs/Tanjug