Потребна е сурова реформа во трудовиот систем на Македонија
Во 21 век кога работничките права би требало да имаат висок подем, истите се газат како да живееме во време на феудализам, беззаконие и во време кога оној кој е богат може да прави се што сака на оние коишто се посиромашни од него.
Многу сум разочаран од сознанието дека постојат газди кои се дојдени до тој степен, да на своите вработени исплатат само 2 денари плата. Кога ќе слушнеш дека некој зел само 2 денари плата, тоа звучи малку смешно, но во реалност тоа е трагедија. Поголема трагедија во сферата на трудот од ова не може да има. Знаете ли дека бројот на луѓе коишто преминуваат од баратели на работа во неактивно население (не бараат работа) е зголемен. Мислам дека покрај Ковид – 19 како причина за ваквото префрлување е и разочараноста од условите на работа којшто ги нудат одредени компании. Едноставно, луѓето избираат да не работат, наместо да се вработат на некое работно место каде ќе бидат третирани како робови. Ќе имаат осум часовно работно време, а газдата по желба ќе ги остава и два до три часа повеќе и притоа нема да им плати за прекувремена работа. Ќе им пуштаат два денари плата и нема воопшто да им дадат К-15. Сето ова ги демотивира луѓето да се вклучат во пазарот на трудот и да бараат работа. Мора да се признае дека има доста добри работодавачи кои ги ценат своите работници. Еве, како позитивни примери можам да ги одвојам ланецот на дрогерии „ДМ“ и „Алкалоид“ АД Скопје. Првата компанија, во ек на коронавирусот на своите вработени им исплати бонуси од по 9,000 денари, додека Алкалоид на неговите работници даде по 25,000 денари. Тука може да се напомене и сопственикот на угостителскиот објект од Охрид којшто своите вработени ги испрати на одмор во Турција. Можеби вакви примери се малку, но сепак ги има.
Газдите треба да ги погледнат малку овие компании и воедно да ги земат за пример. Можеби на тој начин можат да се конвертираат во работодавачи. Но, нив пред се им е профитот, па поради тоа ќе си останат само газди кои евентуално ќе останат без работници.
Разочараноста кај луѓето постојано ја гледам, бидејќи секојдневно на фејсбук страната на порталот каде што работам стигнуваат разни реакции од страна на работници, во однос на прекршувања на разни работнички права, меѓу кои најбројни се неисплатата на К-15 и немање на соодветни услови за работа. Така да, и институциите мора да бидат поагилни и да преземаат мерки за да се направи исчекор во сферата на работничките права. Неизбежно, потребна е сурова реформа на трудовиот систем.
Бобан Илијевски

