ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Програмерите ја надминаа бројката од 70,000 денари плата

Програмерите и натаму се на врвот по висината на платите. Според податоците на државниот завод за статистика, платата на програмер минатиот месец изнесувала над 70,000 денари или 1,140 евра, со што ја надминаа платата од 60,000 денари или 977 евра.

Создавање на кариера во ИТ секторот е сон на многумина млади луѓе во Македонија, најмногу поради високите плати и потенцијалот којшто го има овој сектор поради неговото развивање, како последица на унапредување на технологијата. ИТ секторот беше еден од ретките коишто не беше погоден од пандемијата предизвикана од Ковид – 19, поради тоа што оние вработени во овој сектор којшто работеа во канцеларии, се префрлија на работа на далечина.

На листата на професии со најголеми плати, далеку зад програмерите се вработените во телекомуникациите со плата од 48,734 денари. Потоа следуваат вработените во дејноста производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати кои земаат просечна плата од 46,501 денар. 

Во март просечната плата во земјава изнесувала 28.217 денари, јави Државниот завод за статистика. 

Според податоците, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во  март 2021 година, во однос на март 2020 година, пораснала за 6,8 проценти.

Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Уметност, забава и рекреација (17,9 отсто), Дејности на здравствена и социјална заштита (12,3 проценти) и Информации и комуникации (12,1 отсто).

Фото: Freepik