Вести

Работничка драма на апсурдот

Автор: Бобан Илијевски

Бесот на работниците почнува да го турка капакот од тенџерето како зовриена вода. Синдикатите се радикализираат, тензиите се продлабочуваат. Прагот на толеранција веќе одамна е надминат. Тоа го покажуваат и штрајковите и протестите кои се случуваа и ќе се случуваат. Јавниот сектор е на нозе, останува уште да се види кога ќе дојде судбоносниот момент во приватниот сектор. Јас мислам наскоро. Само што таму нема да има штрајкови и протести, туку масовни откази. Дел од работниците ќе бараат други, поплатени и подобри работни места, а дел ќе си заминат од државата. Ќе дојде момент кога на прсти ќе се бројат вработените. Тогаш Владата предводена од било која ѝ да е политичка партија, ќе може да се пофали со рекордно мала невработеност, токму поради масовното иселување на младите, но и постарите работници.

Како што поминува времето станува се понеиздржливо. Оптимизмот се повеќе и повеќе избледува, а неговото место го зазема песимизмот. Веќе ретко кој човек верува дека работите ќе тргнат напред во оваа држава. Се бројат на прсти. Незадоволството се распламнува како Феникс кој се издига од пепелта, Феникс кој откако ќе ги рашири широко своите пламени крилја ќе остави огромни пожари зад себе. Се обидувам да бидам малку поетичен, иако целава ситуација прилега да се раскаже преку драма на апсурдот. Па да, ние долго време живееме во драма на апсурдот. Наликуваме на ликовите од делото на познатиот ирски драматург Самјуел Бекет – „Чекајќи го Годо“. И ние го чекаме нашиот Годо, но тој никако да пристигне.

Се прашувам дали нашиве политичари барем за кратко се запрашуваат што прават и во кој правец тераат. Постојано ни зборуваат дека прават добро за народот, а тоа добро никаде не го гледаме. Добро, можеби го гледаат оние нивните партиски полтрони, но обичниот народ, оној којшто нема партиска книшка и роднини на високи позиции не го гледа никаде тоа добро.

Ги слушаме постојано како се фалат со некои проекти, а народот, обичниот народ, не гледа фајде од нив.

Се вадат дека имало кризи, енергетски, воени, економски, а пари за службени автомобили имаат, за да некој зема од пет места плата имаат, а за да им го дадат она што им следува на работниците, согласно законските прописи, немаат.

Не знам до каде вака, но знам дека за кратко време оваа држава ќе биде празна.

Толку од мене за сега. Залудно е да филозофирам, на народот од филозофии му е преку глава.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk