ПравдаСветот на работникот

Рубрика за трудово право: Волонтерство и волонтерски стаж!

РУБРИКА ЗА ТРУДОВО И СОЦИЈАЛНО ПРАВО
Тема: Волонтерство и волонтерски стаж!
Волонтерството претставува активност од интерес за Република Македонија која придонесува за подобрување на квалитетот на животот со активно вклучување на луѓето во општествениот живот, како и за развој на хумано и рамноправно демократско општество. Волонтерството е регулирано со Законот за волонтерство и е дефинирано како доброволно давање на лични услуги, знаења и вештини и /или вршење на други активности во корист на други лица, органи, организации и други институции, без надоместок.
Волонтерството не е исто што и волонтерскиот стаж кој е уреден во член 61 од Законот за работни односи, ако волонтерскиот стаж е услов за полагање на стручен испит или за самостојно вршење на дејност, во согласност со посебен закон, треба да се врши со склучување на договор за волонтерски стаж, меѓу работодавачот и волонтерот.
За волонтерот се применуваат одредбите на ЗРО кои важат за траењето и изведувањето на приправничкиот стаж, за ограничување на работното време, дневната пауза и одморите, одговорноста за обештетување, како и обезбедување на заштитата при работа.
ПОГРЕШНО Е да се смета дека волонтерскиот стаж е исто што и приправништво (на пр. стажантите во судот или кај адвокати се волонтери, согласно ЗРО, а не приправници).
ПОГРЕШНО Е да се смета дека волонтерите немаат право на паричен надомест, напротив, доколку работодавачот сака, може да предвиди во договорот за волонтерство или волонтерски стаж и паричен надомест.
БЕЗ ИСКЛУЧОК, договорот за изведувањето волонтерски стаж мора да биде склучен во писмена форма, а копија од истиот во рок од три дена од потпишувањето, мора да се достави до инспекцијата на трудот.
проф. д-р Лазар Јовевски