МакедонијаСиндикат

САДУ: Денешниот ден го одбележуваме со конкретни и мерливи резултати

Фејсбук статус на Синдикатот на администрација, државна управа и правосудство (САДУ)

📆Честит 23 Јуни – Ден на јавната администрација!

По повод Денот на јавната администрација во Скопје се одржа настан организиран од Министерството за јавна администрација под мотото „Доверба, интегритет и резултати: темели на модерна и европска јавна администрација“.

На настанот се обрати претседателот на Владата на Република Македонија, проф. д-р Христијан Мицкоски, министерот за јавна администрација Горан Минчев и шефот за соработка во Делегацијата на Европската Унија, Штефен Худолин.

На настанот присуствуваа претставници од повеќе институции, меѓу кои беше и претседателот на Синдикатот на администрација, државна управа и правосудство (САДУ), Благоја Рапловски.

Денешниот ден го одбележуваме со конкретни и мерливи резултати. Во текот на првата половина од 2026 година, САДУ успешно ги заокружи преговорите и обезбеди потпишување на нови колективни договори во повеќе од 25 институции, при што дел од нив за првпат добија ваков акт. Ова претставува значаен исчекор кон поголема правна сигурност, достоинствено вреднување на трудот и уредување на работните односи на системски начин.

Овие договори се плод на доследен социјален дијалог, заемна доверба и заедничка определба за градење професионална, современа и ефикасна јавна администрација, во која правата на вработените се препознаени и заштитени.

На Денот на јавната администрација оддаваме признание на сите административни службеници кои секојдневно ја носат одговорноста за функционирањето на институциите и обезбедувањето квалитетни услуги за граѓаните.Нивната работа често останува надвор од јавниот фокус, но нејзината важност за функционирањето на државата е непроценлива.

САДУ останува цврсто посветен на создавање подобри услови за работа, унапредување на работничките права и јакнење на социјалниот дијалог – затоа што силна администрација може да се гради единствено со почитувани, мотивирани и достоинствено вреднувани вработени