Интервјуа

Што се случува кога самодовербата на човекот зависи од кариерата? Интервју со Дејан Смоковски, лиценциран психолог

Постојат луѓе кои својата самодоверба ја базираат на својата кариера, занемерувајќи ги другите аспекти од животот. Оваа тема за првапат ја отвораме на порталот Работник и за истата одговори побаравме од Дејан Смоковски, лиценциран психолог.

Што се случува кога целата самодоверба на човекот зависи од кариерата?

Смоковски: Кариерата и професијата се дел од нас. Работењето е неопходен дел од човечкото живеење и функционирање и голем дел од времето е присутно во нашиот живот. Многу е важно да избереме и да се насочуваме кон активности кои за нас имаат смисла и кои за нас изгледааат како активности во кои би се пронашле и кои би можеле да ги работиме. Секогаш можеме во животот да донесеме промена, и тоа суштински никогаш не е доцна, иако професијата е нешто во коешто можеме да вложуваме многу години. Понекогаш пак, постојат емоционални притисоци кои доколку на здрав начин не се надминуваат можеме да ги помешаме со тоа дека нешто е проблематично со нашата професија или работење.

Самодовербата не зависи од кариерата. Самодовербата е поврзана со внатрешните механизми и процеси во личноста. Доколку самодовербата е присутна и силна во нас, таа само додава на ефективното работење, сигурноста во себе и своите постапки и одлуки, сигурност во сопствената одговорност. Самодовербата е и внатрешна сила која може да се справува со предизвците.

Дали воопшто треба да дозволиме самодовербата да ни биде дефинирана од кариерата?

Смоковски: Не треба да дозволуваме целосно да се насочиме кон одреден дел од нас. Да, точно е дека некои наши делови, како професионалната улога, можат да бидат повеќе интензивни, забавни, возбудливи, амбициозни, радосни и слично, но во нас има и други делови кои бараат внимание. Грижата за себе е да се најде баланс во сите нешта кои се присутни во нашиот живот и притоа сите делови во себе ги развиваме континуирано низ животот. Нашата внатрешна сила е независна од надворешните нешта. Нашата внатешна сила е поврзана со нас. Внатрешната сила сме ние.

Што треба да напрвиме за да ги одвоиме идентитетот и кариерата?

Смоковски: Можеме секогаш да се прашаме како се чувствуваме и што ни е потребно. Не само во професијата и работењето, туку и општо во животот. Нашиот идентитет е многу поширок од нашата кариера, од професијата, од работата. Некои психолози и невролози велат дека човекот е повеќе комплексен и од самите галаксии. Кога ќе го свртиме вниманието кон себеси, можеме да откриеме светови и делови во себе кои претходно не сме ги гледале. Можеме да обрнуваме внимание на нашето слободно време, нашиот одмор, природата, активности кои не исполнуваат кои се неповрзани со кариерата, забава, игра. Можеме да видиме дека животот е многу широк и суштински бескраен.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk