Светот на работникот

Како да се преживее изненадното затворање на компанијата и да се сочува кариерата?

Вестите за ненадејни гасења или банкроти на големите корпоративни системи секогаш одекнуваат како гром во деловниот свет. Кога гигантите со повеќе децении традиција и милијарди долари приход ќе покренат постапка за ликвидација, главна тема во медиумите обично стануваат финансиските анализи и инвестициските загуби. Меѓутоа, во сенка на големите деловни одлуки остануваат и стотици и илјадници вработени чии кариери се дестабилизираат преку ноќ, а нивото на стрес и неизвесност достигнува максумум во моментот кога за барање алтернатива станува речиси доцна.

Иако неочекуваните гасења на водечките фими во било која индустрија се повеќе аномалија отколку правило, деловните кризи секогаш даваат важни лекции за тоа како вработените мораат да реагираат во моментот кога компанијата ќе објави дека заминува во историјата, пишува CNBC Make It.

Брзината на реакцијата е клучна

Првата и најчеста грешка на вработените е пасивноста во очекувањето дека ситуацијата сама ќе се реши или дека непосредните раководители и партнери ќе ги повлечат со себе во нови системи. Во пракса, никој нема обврска да го задржи целосниот тим, ниту постои гаранција дека новиот ангажман ќе се вклопи во личните планови на секој поединец. Препорачливо е да се мобилизира веднаш, да се освежи работната биографија и самостојно да се покрене потрага за работа наместо чекање на истекот на отказниот рок или исплата на отпремнина.

Пазарот на труд во момените на гасење на големите системи се преплавува со кадри од истата фирма. Оние кои ќе реагираат проактивно и ќе започнат преговори пред конкуренцијата да ги преплави конкурсите, од ваквите кризи излегуваат со најмалку последици по кариерата.

Делувајте промислено, а не од страв

Иако брзата реакција е неопходна, делувањето со паника може да нанесе долгорочна штета. Во трка за ново вработување работниците често невнимателно испраќаат биографии на сите достапни адреси или соработуваат со непроверени регрутни агенции. Испраќањето на документација преку повеќе посредници на истата адреса делува непрофесионално во очите на новите работодавачи и може да го елеминира кандидатот од понатамошната селекција.

Фокусот треба да се насочи кон проверливи канали, лични контакти, проверени професионални мрежи и директна комуникација со секторите за човечки ресурси во целните компании. Одржувањето на контрола на тоа каде и како се испраќаат податоци за кариерата е од клучно значење за зачувување на професионалната репутација.

Кратките паузи во работниот однос не се препрека за напредок

Една од најголемите грижи на вработените во текот на изненадувачко реструктурирање е како привремената невработеност или брзата промена на работата ќе изгледаат во биографијата. Експертите за човечки ресурси нагласуваат дека кратките паузи сред масовни отпуштања или гасења на фирми не претставуваат дамка во кариерата. Идните работодавачи во потполност ги разбираат околностите на вонредените затворање и не ги доведуваат во прашање квалификациите на вработените.

Исто така, во ситуации кога поради финансиска сигурност ќе се прифати првата достапна опција која подоцна нема да се покаже како идеална, потполно е легитимно да се продолжи потрагата по подобро опкружување штом се излезе од кризниот режим. Работењето под притисок често води до компромис, а дополнителното коригирање на кариерниот пат ќе наиде на разбирање кај мнозинството работодавачи.

Солидарноста и емпатијата како најважен ресурс

Финансиската и деловната криза потсетуваат на тоа дека корпоративните системи немаат емоции кон поединците, но дека луѓето во нив мораат да ја задржат емпатијата. Откако поединецот ќе ја обезбеди сопствената позиција, клучно е да им пружи поддршка на колегите кои и понатаму се борат на пазарот, било со споделување на корисни информации, препораки или поврзување со потенцијални работодавачи. Токму професионалната заедница и меѓусебната солидарност се најдобрата заштита од идните потреси на пазарот на труд.

Извор: BIZLife/K. J.