Компанија од БиХ склучи договор вреден над 20 милиони евра, ќе се отворат 25 нови работни места
Компанијата „Ковград“ од Градачац, која е дел од групацијата ТМД, склучила нов договор вреден 40 милиони конвертибилни марки, односно околу 20,47 милиони евра, за производство наменето за европскиот пазар.
За реализација на договорот, компанијата планира да отвори околу 25 нови работни места, а почетокот на сериското производство е предвиден за јануари 2027 година.
Според информациите, во фабриката веќе се подготвуваат алатите и се тестираат првите производи. Станува збор за специјализирани челични ковани делови наменети за металопреработувачката индустрија, а дел од производството ќе биде поврзано и со воздухопловниот и вселенскиот сектор.
Адем Ханиќ од групацијата ТМД изјавил дека засега не може да го открие името на клиентот, но потврдил дека подготовките за реализација на договорот се во тек.
Тестирањето на производите и изработката на алатите ќе траат околу два месеца, по што ќе започне сериското производство. Најголем дел од работата ќе се реализира во ковачницата, а проектот ќе опфати и машинска обработка.
Нови работни места за инженери и оператори
За реализација на новиот проект ќе бидат потребни околу 25 работници. Според проценките на Ханиќ, компанијата ќе вработи тројца инженери, двајца подесувачи на машини, околу десет CNC-оператори и уште десетина работници во ковачницата.
Бројот на потребните работници, како што објаснил, е условен од високото ниво на автоматизација на производниот процес.
Новото вработување доаѓа по период на намалување на бројот на нарачки, поради што групацијата ТМД на почетокот на 2026 година отпуштила околу 170 работници на ниво на целата групација.
„Сега се обидуваме со новите работи да го надоместиме тој пад. Се надевам дека ќе успееме. Ова е прилично голем и сериозен договор“, изјавил Ханиќ.
Групацијата во претходниот период купила две фабрики – една во Полска и една во Шпанија – и ја пренела нивната опрема. Преземањето на дел од производствените активности од овие фабрики помогнало да се ублажи падот на нарачките, но компанијата и понатаму располага со слободни капацитети во ковачницата и машинската обработка.
Очекуваат враќање на производството од 2023 година
Металопреработувачката индустрија и понатаму се соочува со слаба побарувачка. Ханиќ посочил дека групацијата бележи пад на активностите на германскиот и австрискиот пазар, додека дел од производството е наменето за скандинавските земји.
Според неговите проценки, за целосно закрепнување на индустријата може да бидат потребни уште околу две години.
Сепак, очекувањата за 2027 година се подобри. Веќе договорените проекти би требало да ги пополнат производствените капацитети и да овозможат враќање на обемот на производство на нивото од 2023 година, која Ханиќ ја оценува како најуспешна.
Тој појаснил дека очекувањата се однесуваат пред сè на производствениот капацитет и количината на произведени материјали, додека финансискиот резултат ќе зависи и од цените на материјалите и другите трошоци, особено електричната енергија.
Извор: b92.net

