СветСветот на работникот

Сардинија вложува 10 милиони евра за привлекување дигитални номади и работници на далечина

Италијанскиот остров сака да стане центар за работа на далечина, а инвестициите ќе бидат насочени кон помалите општини и руралните подрачја погодени од иселувањето и намалувањето на населението.

Регионалната влада на Сардинија одобри инвестиција од 10 милиони евра за проект чија цел е привлекување дигитални номади и работници на далечина. Со иницијативата се очекува да се поттикне економскиот развој на помалите населени места и да се спречи депопулацијата, особено во руралните и оддалечените делови на италијанскиот остров.

За реализација на програмата се предвидени три милиони евра за 2026 година и дополнителни седум милиони евра за 2027 година, пишува италијанскиот медиум „Sole 24 Ore“, пренесува „Танјуг“.

Проектот, наречен „Дестинација дигитални номади“, предвидува и формирање регионална мрежа на општини за иновации. Со тоа ќе се отвори јавен повик за локалните самоуправи, кои ќе можат да добијат средства за изградба и модернизација на дигитални центри и простори наменети за работа на далечина.

Посебен акцент ќе биде ставен на малите општини, внатрешноста на островот и областите кои се најмногу погодени од иселувањето и падот на бројот на жители.

Средствата ќе се користат за реконструкција и обновување на јавни објекти, како и за нивно технолошко опремување, со цел тие да бидат претворени во центри за заедничка работа, работа на далечина и престој на дигитални номади.

Регионалниот секретар за општи работи задолжен за иновации, Себастијан Коко, изјави дека иницијативата претставува дел од пошироките активности кои ќе бидат регулирани со идниот регионален закон за дигитални номади и работници на далечина.

Според него, целта не е само изградба на технолошки центри, туку создавање локални центри за иновации кои ќе станат дел од економскиот и општествениот живот на заедниците.

Тие би требало да овозможат поврзување на професионалци, компании, млади луѓе, локални администрации и граѓани, како и размена на знаења, искуства и идеи.

„Работата на далечина може да стане нов двигател на регионалниот развој доколку, по привлекувањето нови професионалци, успееме да поттикнеме нивно трајно поврзување со локалните средини“, оценил Коко.

Извор: Bizportal.rs