СветСветот на работникот

Секој петти самовработен во Германија на работ на опстанок

Секој петти самовработен во Германија, односно 19 проценти од анкетираните, смета дека можеби ќе биде принуден да го затвори својот бизнис, покажува октомврискиот извештај на Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен.

Бизнис-климата меѓу самостојните претприемачи и микро-компаниите со помалку од девет вработени дополнително се влошила во октомври.

Вредноста на индексот Џимдо-ИФО, кој го мери деловниот сентимент кај оваа група економски субјекти, паднала од септемвриските -19,8 поени на -23,7 поени, се наведува во извештајот.

„Економскиот притисок врз самовработените сè уште е силен. Многу фирми ги одложуваат новите нарачки поради несигурната ситуација, додека расположението на потрошувачите останува слабо,“ оценила претставничката на ИФО институтот, Катрин Демелхубер.

Висок процент од самовработените во Германија – дури 46,6 проценти – пријавуваат недостиг на нарачки, што претставува пораст во однос на јулските 43,6 проценти и е значително повеќе од просекот во целокупната германска економија, кој изнесува 36,9 проценти.

Покрај тоа, 33,7 проценти од испитаниците изјавиле дека им е тешко да го проценат идниот развој на нивниот бизнис, додека во септември тој удел бил 30,4 проценти.

Неизвесноста е значително повисока отколку во економијата во целина, каде што во октомври изнесувала 22,6 проценти, се наведува на веб-страницата на ИФО институтот.

Извор: b92.net