ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Славески за Работник: Нема никакво фајде доколку платите растат, но истовремено растат и цените

Бобан Илијевски

Трошоците за живот од почетокот на годината бележат зголемување, а тоа негативно се одразува на стандардот на граѓаните, особено оние со ниски примања, поради поголемото релативно учество на овие издатоци во нивниот семеен буџет. Инфлацијата за март месец изнесува 2 %, а минималната плата се зголеми за 1,7 %. Проекциите на Народната банка за растот на инфлацијата во 2020 година се потврдија и таа изнесуваше 1,2 %, додека пак, проекциите за 2021 година се дека инфлацијата ќе забележи раст од 1,5 %.

Од друга страна, според тинк – тенкот „Рефлектор“ вработените во Македонија се втори во Европа по изложеност на ризик од сиромаштија, што најмногу се должи поради поголемиот раст на трошоците од платите.

Инфлацијата расте кога имаме општо зголемување на цените. Иако е повеќе од очигледно дека кај нас пораснаа цените на некои производи, пред се храната, нашата статистика се уште не регистрира некој значителен пораст на цените. Ова го вели Универзитетскиот професор и поранешен Министер за финансии Трајко Славески во изјава за порталот Работник, во однос на прашањето зошто имаме раст на инфлацијата, а пад на куповната моќ.

„Дури и Народна банка предвидува умерен пораст на цените за околу 1,5 отсто за оваа година, што се смета за ниска инфлација. Се разбира порастот на трошоците за живот, особено на храната, влијае негативно на стандардот кај семејствата со ниски доходи, поради поголемото релативно учество на овие издатоци во нивните семејни буџети“, вели Славески.

Според Славески, стапката на инфлација во наредниот период ќе се зголемува на светско ниво, а тоа ќе влијае врз цените на увозните производи. Неколку моќни економии, предводени од Кина и САД, бележат високи стапки на раст и за кратко се очекува дека ќе се вратат на патеката на раст од пред почетокот на пандемијата.

Токму овој силен раст, вели Славески, влијае на зголемувањето на светските цени на енергијата и на суровините, вклучително и на храната, потенцирајќи дека ефектите од овој пораст на светските цени кај нас допрва треба да се почувствуваат.

Вели дека тоа што кај нас веќе се зборува (и се пишува) за инфлацијата, може да ги зголеми инфлациските очекувања, т.е. очекувањата дека цените во иднина ќе растат, што самото по себе може да ја потхранува самата инфлација.

„Токму овој ефект може да биде и подолгорочен фактор за повисоки стапки на инфлација, за разлика од некои привремени дис – баланси на светско ниво што водат до повисока инфлација во светот. Сепак, мора да признаеме дека кај нас веќе се чувствува ефектот од растот на платите во текот на изминатите неколку години врз цените“, рече Славески.

Според него, ова било сосема предвидливо, особено поради фактот што платите растеа главно поради притисоците од страна на Владата, преку зголемувањето на минималната плата.

Посочи дека се ќе било во ред доколку овој раст на платите не се случуваше истовремено со падот на продуктивноста во економијата, порачувајќи дека повисоки плати не одат со намалена продуктивност.  

На прашањето на порталот Работник, како да се намали инфлацијата, а да се зголеми куповната моќ, Славески вели дека на одреден тип на инфлација, односно на увозната инфлација, заради зголемени цени на нашите увозни производи, пред се храната и енергијата, не можеме да влијаеме.

„Да се надеваме дека ова ќе биде привремен ефект, нешто слично како во 2008 година, кога цените рапидно се зголемија, но по неколку месеци се вратија на претходните нивоа“, рече Славески.

Одржлив раст на животниот стандард може да се постигне единствено со посилна економија, односно со повисоки стапки на раст на Бруто Домашниот Производ, вели Славески, истакнувајќи дека овој процес треба да биде проследен со пораст на продуктивноста на трудот.

Само во вакви услови платите можат реално да растат, а не само номинално, дополни Славески.

„Нема никакво фајде доколку платите растат, но истовремено растат и цените. Тогаш нема реален пораст на платите и на стандардот. Уште полошо, доколку стапката на инфлација е повисока од порастот на платите, животниот стандард ќе се намалува“, потенцираше Славевски.

Проф. Д-р Трајко Славевски го прашавме и за новото истражување на тинк –тенкот „Рефлектор“, според кое вработените во Македонија се втори во Европа по изложеност на сиромаштија, во контекст на тоа зошто вработените во Македонија се во ваква состојба и кои се потенцијалните решенија за да излезат од ризикот од сиромаштија.

Се до пред пандемијата, особено во периодот од 2007 до 2016 година, нашата статистика бележи тренд на намалување на сиромаштијата, рече Славески, додавајќи дека економската криза како резултат на пандемијата со Ковид – 19 води кон зголемување на стапката на сиромаштија.

Истакна дека одговорот на ова прашање е поврзан со одговорот на претходното – потребни се политики што водат до повисок и одржлив раст кои ќе создадат услови за поголема социјална сигурност на вработените.

Тоа може да се постигне со повисоки инвестиции, подеднакво од приватниот и јавниот сектор, модернизација на нашата индустрија, поголема поддршка за извозно – ориентираните компании, инвестиции во образованието и во здравството и слично.

 

Фото: ekonomijabiznis.mk