Вести

„Сметки или храна“ – Луѓето ставени во незгодна ситуација да избираат што поправо да платат/купат

Автор: Бобан Илијевски

Во 2021 година минималната плата беше политички зголемена од страна на Владата од 15,194 на 18,000 денари. Мислам дека сите го паметиме тој момент, најмногу по тоа што имаше кревање на раце во знак на некаква си победа (не се знае сѐ уште чија победа).

Минималната плата се покачи, но се покачија и трошоците за живот, па повторно истата не беше доволна за да може да се преживее месецот. Поради тоа, некои луѓе се ставени во една незгодна ситуација да прават еци-пеци-пец за тоа дали ќе ги платат сметките за струја и вода или пак ќе купат страна.

Сите овие сегменти се неопходни, но одреден број на луѓе, за жал, мораат да избираат. Јас лично знам примери каде луѓето не плаќаат струја, бидејќи немаат доволно приходи. Најголемиот дел од парите им одат на храна. И што е најтрагично – работат.

Тоа е навистина многу нелогична ситуација – да работиш, а да не можеш да преживееш. Ајде, ќе разберам да се наоѓа да им се замерува на луѓето кои не сакаат да работат, а можат. Ниту јас не ги жалам. Но има луѓе што се отепуваат од работа и пак не можат да излезат на крај. И покрај тоа, најважно е политички да се зголемуваат платите, колку да се зголемат. Ниту се земаат трошоци на живот во предвид, ниту потребите на луѓето.

Ништо не е повеќе чудно, со оглед на тоа дека во државава се случуваат многу нелогични работи. Пред некој ден на еден статус на Фејсбук напишав коментар за тоа дека веќе го имаме изгубено чувството за шок од што цело време сме само шокирани од нешто.

Татко ми вели „привремено е, ќе помине“. Само ова привремено мене ми лични дека нема да заврши наскоро.

Пред некој ден порталот Фактор имаше објавено еден текст за минималната плата, во кој стои дека граѓаните сметаат дека нејзиниот износ треба да биде 25,000 денари за да ги задоволи основните животни потреби.

Од порталот побарале одговор од Министерството за труд и социјална политика, од каде им го рекле следното:

„Со измените на Законот за минимална плата воведени се критериуми со кој порастот на минималната плата ќе се врши во согласност со предвидената методологија. Сега се воведени два нови поповолни критериуми со кој усогласувањето на минималната плата ќе биде: 50 отсто од порастот на просечно исплатената нето плата во Република Северна Македонија, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика и 50 отсто од порастот на индексот на трошоците на живот, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика. Третиот критериум е дека висината на минималната плата нема да може биде пониска од 57 отсто од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика (ДЗС). Вака дефинираната нова методологија покрај зголемувањето на минималната гарантира одржливост и континуиран раст на минималната плата сразмерно со покачувањето на продуктивноста на трудот. Тоа значи дека износот од 57 отсто ке биде загарантиран и нема да зависи од волјата на политичките субјекти кои се на власт ниту пак од социјалните партнери“, објаснуваат од Министерството за труд и социјална политика.

Ќе ги прашаш „Дали има можност минималната плата да се зголеми на толку и толку?“ И наместо со да или не и кратко пропратно објаснување ќе ти одговорат со пет параграфи структурирани по принципот „округло па на ќоше“.

И не, не мислам за изјавата на МТСП, бидејќи реално не знам во која насока било поставено прашањето.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk