МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

СОНК: Каква деполитизација ќе направи Претседателот на Прогресивниот синдикат како член на Комисија за образование во една партија на власт?

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, преку средствата за јавно информирање беше информиран за понудата на Прогресивниот синдикат за образование (ПРО) при Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), со којшто се изразува нивниот став во врска со зголемувањето на платите во јавниот сектор, вклучително и во дејноста образование. Секако, нивниот став е условен со прифаќање и поддршка од страна на СОНК за предлозите што ги даваат за деполитизација и достоинство во образованието, зголемувањето на плата и договори на неопределено време на просветните работници, стои во соопштението реакцијата на СОНК, којашто е испратена и до Сојузот на синдикати на Македонија.

Во нивната реакција подвлекуваат неколку работи коишто, како што велат, соодветствуваат на приложениот текст од ПСО при ССМ:

  1. СОНК смета дека воопшто не е етички еден синдикат да условува друг синдикат за давање на поддршка во период на Генерален штрајк, особено што се работи за масовен Генерален штрајк, организиран од СОНК, а реализиран од членови на СОНК, членови на други синдикати за образование и нечленови – вработени во дејностите детска заштита и образование. Особено за СОНК е неприфатливо еден минорен синдикат за образование да го условува репрезентативниот синдикат СОНК со Барање за поддршка на нивните ставови, за кои впрочем СОНК веќе подолго време успешно се справува и има соодветни резултати.
  2. За СОНК е неприфатливо да се зборува за деполитизација од страна на личности кои се во раководството на ПСО, како на пример Претседателот на ПСО, кој според наши неофицијални извори, е Претседател на Комисија за образование при една политичка партија на власт, во еден пелагониски град. За каква деполитизација ќе се бори Претседателот на ПСО?
  3. Што се однесува до зголемување на платите во образованието, СОНК тоа го прави на конкретен начин, со сите можни расположливи капацитети и овој пат јасна е определбата за грижата за своите членови, преку барањето за зголемување на платите во дејностите детска заштита и образование, изнесувајќи ги пред надлежните сите издржани аргументи за барањето, а тоа се примената на законите и колективните договори.
  4. За нас е неприфатливо зголемување на платите линеарно, коешто како систем за вреднување и наградување на трудот не е познат во системот за плати во нашата држава и пошироко. Од таа причина, остануваме на ставот дека вреднувањето на трудот и зголемувањето на платите, треба да биде во согласност со колективните договори.
  5. СОНК сака да ве информира Вас и јавноста дека трансформациите на работните договори од определено на неопределено работно време континуирано се врши преку општинските комисии за трансформација, од 2009 година до денес. Од таа причина, одговорно тврдиме дека станува збор за чиста шпекулација дека имало над 4,700 договори на определено време кои не се трансформираат.

СОНК уверува дека е подготвен да прифати секакви добронамерни поддршки, коишто му се нудат во периодот на реализација на Одлуката за Генерален штрајк. СОНК, истовремено, изразува искрена благодарност за поддршката која ја даваат сите домашни и меѓународни синдикати, невладини организации, граѓански здруженија, родители, граѓани и јавноста воопшто. Меѓутоа, СОНК нема да прифати никакви условување од ниедна организација или поединец, којшто ќе се обиде да профитира во ситуација кога има општа криза во процесот на договарање и надминување на разликите во ставовите со надлежните институции. СОНК ни најмалку нема да на грбот на 25,000 просветни работници, некој, заради лични интереси и ситни поени, да изразува божемна загриженост за социјалниот статус и воопшто положбата на образованието и просветните работници во општеството.