Економија

Соопштенија од приватни мејлови, разрешувања и назначувања – Што се случува во Сојузот на стопански комори?

Вчера од приватниот меил на Сузана Јаневска, поранешен извршен директор на Сојузот на стопански комори на Македонија, медиумите беа известени за одржано вонредно собрание на Комората.

„Дневниот ред на собранието содржеше 14 точки со кои се констатираат груби прекршувања на Статутот, изнесување на лични ставови, донесување на индивидуални одлуки штетни по угледот и репутацијата на ССКМ, груб упад во дата базите и податоците на ССКМ и злоупотреба на социјалните медиуми за работењето на ССКМ и нејзините членки во изминатиот период од страна на преседателот Трајан Ангелоски и лица во неговото најблиско опкружување“, стои во соопштението испратено од личниот меил на Јаневска.

Во меилот е истакнато дека значајна одлука на вонредното собрание е дека на досегашниот претседател Трајан Ангелоски му се прекинуваат сите овластувања за преставување на Комората во земјата и во странство, како и учество во сите тела назначени од ССКМ во изминатиот и следниот период, се’ до свикување на ново Собрание на кои ќе се избере легитимен претседател и Управен одбор на ССКМ.

Таа наведе дека поради грубиот упад на Трајан Ангелкоски во серверскиот систем и личните податоци на членките на ССКМ и неможноста за користење на службените емаило-ви на ССКМ, сите соопштенија кои ќе бидат пратени од официјалните адреси на ССКМ се невалидни и неважечки.

Во 11 часот навчер преку официјалниот меил на Сојузот на стопански комори пристигна демант потпишан од Претседателот на Комората, Трајан Ангелкоски. Еве што напиша тој:

„Сојузот на стопански комори на Македонија остро ја осудува злоупотребата на службената положба и фалсификувањето на службена документација од страна на извршниот директор Сузана Јаневска, која на 07.07.2025 година е суспендирана од функцијата и нема никакви овластувања да ја претставува институцијата.

На 09.07.2025 година, Сузана Јаневска, користејќи приватна Yahoo адреса (suzana.janevska77@yahoo.com), испратила лажно соопштение до медиумите во кое тврди дека е одржано вонредно Собрание на ССКМ. Истакнуваме дека:

• Тоа не е официјална комуникација на ССКМ и е правно ништовна.

• Собрание на 09.07.2025 не било закажано, ниту одржано по деловнички или статутарни процедури.

• Фалсификуваната покана и обидот за лажно собрание се резултат на грубо прекршување на член 4.2.8 од Договорот за основање на ССКМ.

• Постапката претставува класичен пример на институционална измама и дејствување без мандат.

Заедно со Јаневска, во координирана активност биле вклучени и четири правни субјекти поврзани преку семејни и деловни врски кои се исклучени од членство со Одлука бр. 0302-1-11/25 од 01.07.2025 година, поради сериозно нарушување на угледот и функционалноста на институцијата.

Согласно член 4.5.4 од Договорот за основање, Претседателот на ССКМ, г. Трајан Ангелоски, донесе формална Наредба за итна суспензија на Сузана Јаневска, со која ѝ се забранува пристап до службените простории, контакт со членството и користење на било какви ресурси во име на ССКМ. Исто така, таа е задолжена веднаш да ги врати сите доверени средства во сопственост на Сојузот.

Во интерес на правната сигурност, заштита на членките и зачувување на интегритетот на институцијата, целокупниот случај е пријавен во Министерството за внатрешни работи. Очекуваме соодветни институционални реакции за сите инволвирани во обидот за институционален удар и фалсификат.

Апелираме до сите медиуми и јавноста да не прифаќаат никаква комуникација или соопштенија испратени од приватни адреси кои не се дел од официјалната структура на ССКМ. Сите валидни информации ќе бидат доставени исклучиво преку официјалниот е-маил info@chamber.mk и преку легитимните канали на Сојузот.

Ниту поединци, ниту групи нема да бидат дозволени да го узурпираат легитимитетот на институцијата изградена врз доверба, транспарентност и работа во интерес на бизнис заедницата“, стои во демантот потпишан од Ангелоски.

Пенка Мукаетова избрана за нов потпретседател на ССКМ, тројца од раководството разрешени

Денеска во 18:14 пристигна ново соопштение од официјалната емаил адреса на Сојузот на стопански комори. Во него од Комората наведуваат дека Пенка Мукаетова е новиот потпретседател на Сојузот.

„Со својот досегашен ангажман и углед во деловната заедница, Пенка Мукаетова претставува значаен фактор за Сојузот и ќе има водечка улога во враќањето на институционалниот интегритет и довербата кај членките“, велат од таму.

Од Комората посочија дека Горан Ѓорѓиевски и Ромео Костадинов се разрешени од сите функции во рамките на ССКМ, како и Драган Пехчевски, кој е разрешен од функцијата претседател на Групацијата на проекти.

„Одлуката е донесена поради сериозни прекршувања на принципите и вредностите на Сојузот, како и поради утврдена вклученост во активности кои претставуваат обид за нарушување на легитимното раководство“, велат од Комората.

Од таму уште еднаш потсетуваат дека Сузана Јаневска е разрешена од функцијата извршен директор на ССКМ, поради злоупотреба на служебната положба и фалсификување на службени документи.

„Без овластување и во спротивност со процедурите на Сојузот, Јаневска испрати лажно соопштение до медиумите од својата приватна е-пошта (suzana.janevska77@yahoo.com), претставувајќи невистинити тврдења за наводно одржано собрание на ССКМ“, велат од Комората.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk