Светот на работникот

Според извршната директорка на една американска компанија, овој трик помага да постигнете успех: „Ве прави да бидете проактивни“

Кога Касандра Моралес Турзвeл ја основала својата компанија за убавина и нега на коса Kitsch во 2010 година, имала само 25 години и ги вложила сите свои животни заштеди. Денес, Kitsch остварува повеќе од 300 милиони долари годишен приход, а нејзините производи се присутни во над 27.000 продавници ширум светот.

Според Турзвeл, клучна улога во нејзиниот успех одиграле „визуелизацијата и начинот на размислување“. Во разговор со новинарката Џулија Бурстин за подкастот „CNBC Changemakers and Power Players“, таа објасни дека уште од мали нозе ги применувала овие техники во својот живот.

Додека била во основно училиште, нејзиниот кошаркарски тренер ѝ раскажал дека професионалните кошаркари ја зголемуваат успешноста при слободни фрлања така што ги затвораат очите и се замислуваат себеси како го погодуваат кошот. Тоа ја инспирирало и таа самата да почне да користи визуелизација како алатка.

Додека ја градела Kitsch, Турзвeл свесно работела на одржување позитивен став. „Додека ги правев ластиците за коса, ќе ставев слушалки и ќе го замислував најдобриот можен живот што можам да го живеам“, раскажува таа. Дури и во тешки денови, вели дека никогаш не се чувствувала поразено, бидејќи знаела дека нејзиниот „таен трик“ е едноставно да ги затвори очите и да се фокусира на иднината.

И денес, Турзвeл редовно одвојува време за размислување и внатрешна рамнотежа. Таа има аларм на телефонот што ѕвони три пати дневно и ја потсетува да практикува визуелизација и т.н. „микро-манифестации“.

Моќта на „водењето дневник за иднината“

Покрај визуелизацијата, Турзвeл користи и техника наречена „future journaling“ – водење дневник од перспектива на иднината. Таа ги запишува своите големи цели како да се веќе остварени.

„Кога го пишувам дневникот, запишувам сè што би сакала да можам да го кажам неколку месеци или години подоцна“, објаснува таа.

Како пример, Турзвeл раскажува дека во 2018 година напишала запис за својата цел производите на Kitsch да се најдат во продавниците на Target. „Пишував нешто во стилот: ‘Само што влеговме во Target. Ние сме еден од најбрзорастечките брендови. Продажбата расте енормно, но успеваме да ја одржиме стабилноста’“, се присетува таа.

Кога производите на Kitsch навистина се појавиле во Target во 2024 година, сценариото било речиси идентично со она што го напишала шест години претходно.

За Турзвeл, оваа техника е ефикасна затоа што „ве става во начин на размислување во кој активно го креирате својот живот, наместо само да реагирате на околностите“.

Научниците го потврдуваат овој пристап. Невронаучничката и авторка Ерин Клејбо нагласува дека запишувањето на целите може значително да ги зголеми шансите за нивно остварување, бидејќи помага тие подобро да се врежат во меморијата и ја одржуваат мотивацијата.

Клејбо за CNBC Make It изјави дека често им пишува пораки на своите идни верзии. „Во минатото сум прескокнувала по 40 страници во дневникот и сум пишувала писмо до себе во иднината, знаејќи дека еден ден ќе налетам на него“, вели таа.

Таа исто така препорачува поставување и запишување јасни и промислени намери за иднината. „Тоа навистина прави разлика“, истакнува Клејбо.

Откако ќе ги поставите тие намери, советува таа, важно е секој ден да го давате својот максимум за нивно остварување. А кога целта ќе се постигне, одвојте време да размислите за целиот пат што сте го поминале.

Извор: CNBC Make it