Останато

Томшиќ: Дигиталните учебници не треба да се поистоветуваат со онлајн наставата

Дигитализацијата на наставните содржини не значи онлајн настава, а не е точно ниту мислењето дека од септември нема да има учебници. Дигиталните содржини само ќе им помагаат на учениците за поедноставно усвојување на знаењата, на јазик што им е близок, рече Душан Томшиќ, советник во Министерството за образование и наука, во утринската програма на „Канал 5“.

„Дигитализацијата на наставните содржини не треба да се поистоветува со онлајн настава. Сите образовни системи во светот, поради пандемијата, беа изложени на предизвик за одржување на настава во вонредни околности. Доколку епидемиолошката состојба дозволи, ние сакаме од први септември учениците да се вратат во училишните клупи, како најсоодветен начин за учење и социјализирање“, рече Томшиќ. 

За мислењето дека од есен нема да има учебници, Томшиќ рече дека за да се дигитализира наставна содржина прво треба автор да ја напише, илустратор да ја илустрира, па дури потоа истата содржина да се дигитализира.

„Погрешно е и тврдењето дека ќе има само дигитални содржини. Секој ученик доколку сака, може да добие наставна содржина којашто училиштето ќе му ја испечати. Тој наставен материјал ќе биде направен на стандардизиран начин, во боја. Сé она на што учеле децата досега ќе учат и од септември. Променети се само наставните програми за прво и за четврто одделение, кои се според новата Концепција за основно образование“, нагласи Томшиќ.

Дигиталните содржини децата ќе ги отвараат дома, за на поинтересен начин го запомнат тоа што го учеле на час, преку содржини кои се пренесени на поедноставен јазик, во видео и аудио формат кој е поблизок за денешните деца.

Имплементацијата на реформата на основното образование ќе се одвива постепено, а дигитализацијата на наставната содржина почнува во 4.одделение. Етапно се влегува во процесот на трансформација на методите на настава и наставните содржини.

Томшиќ најави дека во тек е процес на набавка на 10.000 таблети, според добиените податоците од училиштата за социјално ранливи семејства за ученици кои немаат таблети. Сите училишта ќе добијат библиотечен фонд на таблети на кои ќе бидат инсталирани наставните содржини и децата ќе можат во своите домови да ги користат и без да имаат интернет. Ова е за прв пат во нашата држава со закон да се гарантира за ученици што немаат можност да набават, да добијат уред од училиштето. 

Осврнувајќи се на реформата на образованието, Томшиќ укажа дека дури е и задоцнета, затоа што меѓународните тестирања покажуваат дека нашите ученици на 14.годишна возраст поминуваат 900 часа помалку годишно во училиште, со што губат можност да добијат знаење што го добиваат нивните врсници во земјите на ЕУ и намалени им се можностите за посетување вонанаставни активности. Нашите ученици во математика и читање со разбирање само 40 отсто го разбираат тоа што го читаат, за разлика од земјите членки на ОЕЦД каде е 80 проценти.

„Ова покажува дека нашата земја мора сериозно да инвестира во квалитетно образование, во трите постулати: современи наставни програми, обучен наставен кадар и да вложува во инфраструктура и дидактички материјали. И тоа треба да оди паралелно, со цел нашите ученици да го достигнат нивото што го имаат нивните врсниците во развиените земји“, рече Томшиќ.