Вести

Враќањето во канцеларија и последиците од таа одлука

Во свет, во кој линијата помеѓу канцеларијата и домот беше избришана во текот на пандемијата, сега се наметнува чуден парадокс: корпоративните лидери гласно се залагаат за потполно враќање на канцеларискиот живот иако, приватно, и самите се свесни дека е невозможно на вработените да им се одземе можноста за работа на далечина.

Од една страна, постои хор на директори и корпоративни лидери кои гласно го заговараат враќањето во канцеларија. Тие ја нагласуваат вредноста на соработката, иновацијата и обновата на канцелариските култура. Истакнатите личности како што се Џејми Димон од ЏП Морган и Марк Закерберг се нашле на насловните страни со своите про-канцелариски изјави. Одговорниот за менаџирање со луѓе во Гугл отишол чекор понапред и наговестил дека присуството во канцеларија ќе влијае врз процената на перформансите, што укажува на потенцијален пресврт во корпоративните очекувања.

Сепак, подлабоката анализа на корпоративното лидерство открива јасен контраст, се наведува во Harvard Business Review.

Имено, лидерите биле прашани: „За пет години, кој удел на постојано вработени во вашата компанија очекувате да биде во секоја категорија (потполно во живо, хибридно, потполно на далечина) во 2028?“ Одговорот, како што е илустрирано во истражувањето, бил јасен: се очекува целосната работа на далечина и хибридниот модел да продолжат да растат.

Покрај тоа, фактот кој често се превидува е дека работниот пејсаж за вработените мајки поминува низ неверојатна трансформација, пренесува Axios.

Неодамнешниот извештај на проектот Хамилтон открива дека процентот на жени во работната сила со мали деца е највисок до сега, пркосејќи им на претходните очекувања. Во јуни изненадувачки 70,4 % од жените со деца помлади од 5 години активно биле дел од работната сила, надминувајќи го нивото пред пандемијата.

Овие податоци ги воодушевиле експертите и се особено значајни ако се има предвид фактот дека ова е единствената категорија која ја преминала стапката на работната сила во однос на нивото пред пандемијата. Работата на далечина се појавува како клучен фактор кој стои зад овој исклучителен тренд, овозможувајќи им на поголем број на жени да ја одржат својата положба на пазарот на труд.

Пандемијата, заедно со опцијата работа на далечина, придонела кон појавувањето на уште еден феномен – се‘ повеќе парови одлучиле да основаат семејства и да имаат деца, поради можностите порамноправно да ги распределат одговорностите во домаќинството.

Повеќе за промените кои работата на далечина ги донела во изминатите три години, како и последиците кои може да ги предизвика инсистирањето на враќање во канцеларија, прочитајте на порталот WebMind.

Извор: Web Mind

Фото: Web Mind