ЕкономијаМакедонија

Трговците ќе го послушаат ли апелот на Мицкоски за намалување на маржите?

Цените посебно на основните прехрамбени производи во Македонија, не мируваат. По пазарите, по маркетите, граѓаните забележуваат чести промени. И да, цените најчесто одат само нагоре.

До кога ќе е вака, па нели инфлацијата е скротена? Ќе реагира ли државата?

Премиерот Христијан Мицкоски завчера се обиде да внесе доза на оптимизам со изјавата дека во последниве месец – два инфлацијата се смирува и дека сега е на 3 проценти. Но, сепак додаде дека цените на прехрамбените производи треба да бидат пониски и апелира до трговците максимално колко што можат да ги намалат маржите, а Владата нема да интервенира во цените.

-Ние сме пазарна економија, пазарот ги диктира цените. Ако влеземе во една политика на ограничување, тогаш видовте какви резултати ни даде таа политика – ни даде спротивни ефекти од тие што ги очекувавме, изјави Мицкоски.

Го слушнаа ли апелот трговците? Сега тие се на потег.

Премиерот Мицкоски се реши за апели, а блиски држави во регионот пак преземаат мерки за ограничување и намалување на цените. Во Србија денеска е промовирана акција на државните и трговските синџири „најдобра цена“, во која во текот на септември и октомври ќе бидат намалени цените на 81 производ во просек за 25 проценти. Со акцијата која ќе трае два месеца- септември и октомври, како што објавија српските медиуми, се обезбедува месечна заштеда на граѓаните  од 8.000 до 22.000 динари. Во Црна Гора, пак, се ограничија маржите на 66 прехранбени производи и по што се очекува да поевтинат 1.000 производи. Одлуката не се однесува на малите бизниси и тие ќе бидат изземени од неа, а ќе важи до 31 јануари 2025 година. Во однос на претходната кампања „Ограничени цени“, сега на листата се додаваат и овошје, зеленчук, нешто повеќе видови месо и средства за лична хигиена…