МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

Уредбата на Владата за помош на медиумите е селективна и не ги опфаќа сите медиуми

   Време за читање 2 минути

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразуваат загриженост за состојбата на локалните и регионалните радиодифузери кои, најавија дека ќе штрајкуваат со делумен прекин на програмата .

Оваа одлука на локалните и регионалните телевизии следи откако Владата на РСМ на 30 мај, 2020 година, донесе уредба со законска сила според која средства од Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19 се пренаменуваат за поддршка на одредени медиуми . Со оваа уредба на петте национални телевизии (Канал 5, Сител, Алфа, Телма и Алсат – М), како и на останати шест регионални телевизии кои имаат дозвола за емитување преку дигитален терестријален мултиплекс, Владата ќе им покрие годишен трошок кон операторот А1 во висина од над половина милион евра .

Ваквата одлука на Владата ги дискриминира останатите радиодифузери кои не се опфатени со оваа мерка и се нарушува медиумскиот пазар на штета на тие медиуми . Загрижува тоа што владата не ги земала предвид регионалните и локални медиуми кои според сите податоци и кај нас, и во светот, најмногу од сите други медиуми се соочуваат со економски проблеми . Потсетуваме дека информациите од локалните заедници се од големо значење за информирање на граѓаните, особено во овој период на криза .

Ја повикуваме Владата да ја преиспита оваа уредба, со цел да бидат опфатени сите радиодифузери кои ги исполнуваат условите за концесија . Тоа значи, освен на локалните и на сите останати национални радиодифузери кои не емитуваат преку терестријален мултиплекс, а имаат големи трошоци за пренесување на сигналот, треба да бидат опфатени со оваа уредба, без притоа да се создава дискриминација кон медиумите по кој било основ .

Потсетуваат дека ЗНМ, ССНМ и СЕММ неодамна реагираа против избрзани решенија за финансирање на медиумите и укажавме дека доколку продолжи кризата треба да се изнајде тип на финансиска поддршка која ќе ги опфати сите медиуми, вклучувајќи ги тука и онлајн медиумите .