Шаќири-Гарсија: Создаваме квалитетен и инклузивен воспитно-образовен систем, согласно најдобрите европски искуства
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денес одржа работна средба со амбасадорот на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија, Хосе Луис Лосано Гарсија.
Министерот Шаќири ги нагласи пријателските односи меѓу двете земји и сподели информации за реформските процеси кои се реализираат во Министерството за образование и наука.
„Република Северна Македонија цврсто опстојува на европскиот пат, и нашите заложби во образованието се создавање на квалитетен и инклузивен воспитно-образовен систем, согласно најдобрите европски искуства. Затоа ни е многу важна конструктивната поддршка и размената на знаења“, посочи министерот Шаќири.
Министерот рече дека со промените во деветолетката, учениците се насочуваат кон настава што кај нив развива аналитичко и критичко мислење, ја поттикнува креативноста и ги обучува за препознавање вистинити и невистинити информации. Основни вредности кон кои упатуваат новите наставни програми се почитувањето на различностите, толеранцијата и мултикултурализмот. Што се однесува до промените во средното стручно образование, тие целат кон потесна врска меѓу училиштата и компаниите, како услов за задоволувување на потребите на пазарот на труд од една страна, и можностите за брзо вработување на младите, од друга страна.
Амбасадорот Гарсија кажа дека Шпанија останува сигурен партнер на Република Северна Македонија и ја искажа подготвеноста за континуирано зајакнување на соработката во сите сфери од заеднички интерес.
Двајцата соговорници се согласија дека од взаемен интерес е натамошното поттикнување на средби меѓу претставници на двете земји како добра насока за размена на позитивни практики.

