Шаќири: Градиме образовни политики со широки консултации
Ставовите на различни општествени чинители и политички субјекти не се и не треба да бидат исклучени од процесот на градење образовни политики. Живееме во услови на комплексни предизвици и обмислувањето на иднината на образованието треба да биде инклузивен процес, доколку сакаме да стане моќен механизам за општествена преобразба, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири на средбата со пратеникот Африм Гаши, претседател на партијата Алтернатива.
„Министерството за образование и наука е отворено за соработка, која ни е потребна посебно во изработката на новата Стратегија за образование. Наша заложба е поставувањето на основите за идните активности на институциите во сферата на образованието да се одвива преку широк процес на консултации во кој ќе бидат вклучени сите заинтересирани страни, експерти, наставно-научната заедница, како и јавниот и невладиниот сектор, затоа што сите тие од свој аспект можат да вложат во креирањето квалитетно образование“, рече министерот Шаќири, додавајќи дека тоа е начин за градење квалитетно, граѓанско образование кое ќе придонесе за мирна, праведна и одржлива колективна иднина.
Пратеникот Гаши изрази подготвеност да се вклучат во поддршка на сите активности кои водат кон напредок и подобра иднина на децата и младите, за што основен услов е да добијат квалитетно образование.

