Колумни

Што може да ви донесе ПРЕРАБОТЕНОСТА?! – Грижете за менталното здравје и одвојувајте време за вас

Бобан Илијевски 

Денеска на Фејсбук забележав еден статус кој ме мотивираше да започнам да ја пишувам колумната којашто ќе следи подолу. Статусот се однесува на менталното здравје кое се одбележува токму денеска, на 10 октомври којшто е прогласен за Светски Ден на менталното здравје. Фејсбук статусот е на мојата колешка Теодора Цветковска и истиот гласи вака:

„Затоа што не постои “мораш да избереш помеѓу професијата и приватниот живот”.

Лекување панични напади, анксиозност и покачен холестерол не е воопшто кул работа. Два брнаута во рок од 8 години исто така.

Ако мојот сон е поинаков од вашиот, не значи дека е помалку вреден и дека треба некому да полагам сметки за своите постапки и одлуки. И тоа нека важи за сите и за секого. Да бидеме подобри едни кон други.

Одбирам да станувам наспана, да имам време да читам, да имам хоби.

Да бидам јас “, пишува Цветковска во статусот, повикувајќи се на објава во која стои: Треба да престанеме да ја „прославуваме“ превработеноста. Ве молам.

Недостатокот на сон, добра диета, вежбање, релаксирање и време поминато со роднини и пријатели, не се нешта на кои треба да се аплаудира.

Премногу луѓе бурноутот (синдромот на согорување) го носат како беџ на честа.

Ова треба да се промени“, стои во објавата која ја сподели Цветковска во нејзиниот статус.

 

Превработеноста е еден од најголемите предизвици со коишто се соочуваме и тоа е факт којшто не може да се оспори во ниеден случај. Се помалку луѓе имаат можност да спијат осум часа, колку што и впрочем е потребно, за да се одмори мозокот и телото, да имаат време за себе, да вежбаат и да се видат со своите роднини и пријатели.

Голем број на работодавачи без осет ги натрупуваат своите вработени со работа, со што истите се ставени во позиција да мораат да го „прескокнат“ времето коешто го одвоиле за себе и за своите најблиски за да ја завршат. Ова е и една од причините поради којашто се појавува т.н. синдром на согорување којшто може да ги доведе вработените на работ на ментален колапс. Ова го потенцираат и самите психолози во чијашто стручност спаѓа овој синдром.

Во Македонија, да бидеме реални, не се зборува премногу за синдромот на согорување, а голем број на работници се соочуваат со него. И јас лично го имам искусено на своја кожа, но имав голема среќа што не дозволив да надвладее над мене, со тоа што дадов отказ од работното место.

Имено, Ејми Гало, експерт за прашања поврзани со работните места од Бизнис школата на американскиот универзитет Харвард посочува дека појавувањето на синдромот на согорување на работното место е знак дека треба да си заминете од истото.

Според неа, ако паралелно водите интензивен професионален и приватен живот, а притоа често, па и сред ноќ, ви пристигнуваат еден куп мејлови од шефот, може да дојде до „burn out“ синдром.

Затоа потребен е баланс помеѓу она што претставува професионален и приватен живот. Ова потребно е во најголем дел да го имаат во предвид самите работодавачи коишто наместо да ангажираат дополнителни работници, во случај кога има премногу работа, тие истата ја оставаат на вработените кои веќе имаат свои работни задачи што треба да ги завршат во работното време, коешто колку што последно видов, се уште трае 8 часа дневно или 40 неделно.

Тука би сакал да потенцирам дека од 1 јануари 2022 година, синдромот на согорување официјално станува професионална болест. Ова значи дека на сите оние работници, на кои ќе им биде дијагностициран овој синдром, ќе може да земат боледување од доктор. Ова ќе важи и за Македонија, со оглед дека важи за членки на Светската здравствена организација, а Македонија е дел од неа од 1996 година.