ЕкономијаМакедонија

Ќе има ли мерки за поевтина храна? Владата денеска ќе заседава за движењето на цените

Владата денеска се очекува да одржи состанок на кој ќе се разгледа можноста за воведување нови мерки за справување со растот на цените, по анализа на извештајот од надлежните институции.

Министерството за економија и труд соопшти дека во моментов се обработуваат податоците доставени од Државниот пазарен инспекторат, по што ќе следи нивно детално разгледување и подготовка за владината седница. Врз основа на заклучоците, ќе се одлучи дали ќе се интервенира на пазарот преку мерки како намалување на даноци или ограничување на трговските маржи.

Според информациите од ресорното министерство, во изминатиот период се спроведени над 140 инспекции на повеќе од 800 продажни објекти низ земјата. Контролите опфатиле производители, увозници, дистрибутери, како и големи и мали малопродажни ланци, со фокус на основните прехранбени производи, хигиенските средства и производите за деца.

Извештајот е изготвен по барање на премиерот Христијан Мицкоски, со цел да се утврди движењето на цените на почетокот на април во однос на претходните месеци.

Првичните анализи укажуваат на поскапувања кај повеќе категории производи, особено кај основните прехранбени артикли.