„Адора Инженеринг”: Закуп на топланите без јасна намера за купопродажба е дополнителна загуба од 550 илјади евра годишно

Компанијата „Адора Инженеринг” денеска соопшти дека изгледите за постигнување договор само за закуп доколку нема јасна интенција за купопродажба на топланите „Исток” и „Запад” во овој момент за нив е енормно штетен, со дополнителни загуби од над 550 илјади евра годишно.

Во соопштение за текот на разговорите со Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) повторуваат дека се подготвени доколку ги наплатат побарувањата од изминатиот период да ги продадат топланите по истата цена по која ги купиле. Потенцираат дека сакаат сите процедури да се спроведат  транспарентно во согласност со законските прописи.

Како што наведуваат, уште на 18 август годинава првично од страна на ЕСМ до „Адора Инженеринг” било испратено Барање за доставување понуда за купопродажба на топланите Исток и Запад, а на што тие позитивно одговориле.

– „Адора Инженеринг” во најдобар интерес на граѓаните е многу јасна и транспарентна во одговорот дека е согласна со ова барање и сме подготвени доколку ги наплатиме побарувањата од изминатиот период, кој што законски ни следуваат, да го продадеме имотот по истата цена по која што го купивме. Секако сакаме сите процедури транспарентно да се спроведат во согласност со законските прописи. Изгледите за постигнување на Договор само за закуп доколку нема јасна интенција за купопродажба во овој момент е енормно штетен за „Адора Инженеринг”, односно дополнително на досегашните загуби, би ја ставал компанијата во загуба од над 550 000 евра секоја година, стои во соопштението.

Доколку не се постигне договор за закуп и купопродажба, дополнуваат, единствен пат до обезбедување на парно греење за град Скопје е БЕГ во деловно-техничка соработка со ЕСМ да продолжи бесправно да го користи имотот во сопственост на „Адора Инженеринг,” што е директна повреда на правото на сопственост.

-„Адора инженеринг”, како и досега, останува до крај кооперативна во интерес на граѓаните и разговорите, меѓутоа мора да сме децидни дека во овие светски кризни времиња мораме да носиме разумни одлуки за нашата компанија, наведуваат од компанијата.

„Адора Инженеринг” на 1 септември минатата година на јавна лицитација за сума од 9,26 милиони евра со вклучени даноци ги купи топланите „Исток” и „Запад”, коишто претставуваат основни средства за регулираното производство на топлинска енергија во градот Скопје, кои беа во стечајна постапка.