АД „ЕСМ“ ПЛАЌА КАЗНИ ЗА НЕПОЧИТУВАЊЕ НА ПРЕСУДИ, НО ПАРИТЕ НЕ ГИ БОЛАТ, БИДЕЈЌИ СЕ НА НАРОДОТ| ИНТЕРВЈУ
Новинар: Бобан М. Илијевски
Вработените во енергетскиот сектор се една од најважните алки за да може да функционира едно општество. Во Македонија, тие се соочуваат со бројни проблеми. За какви станува збор, во денешното интервју разговараме со Претседателот на Синдикалната организација на АД „ЕСМ“ при Самостојниот синдикат на работниците од енергетика, рударство и индустрија, Жарко Краус.
Кои се најгорливите проблеми со кои се соочуваат вработените во АД „ЕСМ“?
Најгорливите проблеми со кои работниците се соочуваат во овој момент, како и претходно, а тоа се условите за работа. Претежно зборувам за работниците кои се задолжени за вадење на електричната енергија а тоа е РЕК „Битола“. Тие работат во тешки услови за работа, на отворен коп, каде условите за работа ги диктираат временските услови. Летно време – екстремно жешки, а во зимно – екстремно студени.
Уште еден горлив проблем е потпишаната Спогодба од страна на Владата на Република Македонија, за до 2028 година да престане производството на електрична енергија добиено токму од јагленот кој се ископува од рудникот „Суводол“.
Самостојниот синдикат на работниците од енергетика, рударство и индустрија во минатото се соочуваше со бројни предизвици, меѓу кои непочитување на пресуди од страна на раководството на АД „ЕСМ“ и административно одземање на членството. Како стојат сега работите?
Па никако, тоа е премногу тешко да се реализира иако судски ги имаме добиено сите спорови и иако судски ѝ е наложено на оваа компанија да овозможи работа на синдикатот и да продолжи со земањето на членарина на членовите, за жал тоа не се прави. И понатаму се игнорираат судските пресуди. Компанијата плаќа високи казни, но не ги болат парите бидејќи истите не ги даваат од својот џеб, туку се пари на работниците и на народот. Има изречено казни и кон раководството, но тие се мали и ги плаќаат од сопствен џеб. Овие казни изнесуваат од 20 до 40,000 денари. Тие се изрекуваат на одговорното лице во правното лице за непостапување по судска одлука од страна на извршител. И покрај ова, раководството продолжува да работи надвор од законските рамки.
Инаку, тие имаат направено квази-решенија, односно направено е да се задржува членарина само за претставниците на синдикатот, односно на сите претседатели кои се заведени во Централен регистар. Со ова тие прават бајпас на таа судска пресуда.
Во кој дел од зелената трансформација не се вклучени вработените во оваа државна компанија?
Работниците не се вклучени во ниту еден дел од таа зелена трансформација, ниту се консултирани, ниту од нив е побарано мислење. Ние како синдикат пуштивме реакција до Министерството за економија за драфт верзијата на планот за забрзана трансформација. Во неа имаме доставено доста добри забелешки и понуди, но сметаме дека од нивна страна нема да има одговор. Ова го темелам на фактот што во таа драфт верзија никаде не стои дека во РЕК „Битола“ и во ТЕЦ „Неготино“ ќе се произведува електрична енергија од гас. Тие со таа објава излегоа десет до петнаесет дена по пуштањето на оваа драфт верзија. Со право се сомневаме дека оваа владина гарнитура нема никаков план и никаква стратегија за енергетскиот сектор во Македонија. За ова потврда се и плановите за јавно-приватно партнерство со компании од Грција кои се многу штетни за работниците и граѓаните на државата. Тие се штетни бидејќи не се издржани и не се поткрепени со анализи и се направени за лични профити на одредени структури на штета на народот.
Фото: Приватна архива