Индустријата загубила 2,6% од работниците – најзасегнато производството на облека
Бројот на работниците во македонската индустрија во јули годинава бил за 2,6 отсто помал во споредба со истиот месец лани. Падот е присутен во сите три главни индустриски сектори, но со различен интензитет, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Најголемиот одлив на работна сила е регистриран кај рударството и вадењето камен, за 7,8 отсто. Бројот на работници во преработувачката индустрија е намален за 2,3 отсто, а во снабдувањето со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 0,9 отсто.
Трендот е негативен и кога се гледа само периодот од почетокот на годината. Од јануари до јули бројната состојба на работниците во индустријата е осипана за 2,8 отсто во однос на истиот период од 2025 година.
Во преработувачката индустрија, која го опфаќа најголемиот број индустриски дејности, движењата се различни. Во јули, најголем пад има во производството на облека – за 11,6 отсто.
Кај преработката на дрво и производите од дрво се регистрирани за 6,3 отсто помалку работници, а производството на фабрикувани метални производи бележи намалување од 1 отсто.
Меѓу поголемите индустриски дејности, пад има и кај производството на електрична опрема од 1,9 отсто, моторни возила, приколки и полуприколки од 2,2 отсто, како и кај поправката и инсталирањето машини и опрема од 3,4 отсто.
Сепак, дел од индустријата имала потреба од дополнителна работна сила. Најголем раст има во производството на компјутерски, електронски и оптички производи, од 15,1 насто. Во производството на тутунски производи има зголемување од 9,3, а во производството на пијалаци бројот на работници е поголем за 2,8 насто.
Нецел процент, односно раст од 0,6 насто има кај производството на прехранбени производи.
Кај главните индустриски групи, пак, нема раст на годишно ниво.
Најголем пад има кај нетрајните производи за широка потрошувачка, за 3,6 отсто, а следат енергијата со 3,3 и интермедијарните производи, освен енергија, со 2,4 отсто.
Бројот на работници кај капиталните производи е намален за 2,3 отсто, а кај трајните производи за широка потрошувачка за 2 отсто.

